Ротација на четворица амбасадори на нови дипломатски мисии

Четворица македонски амбасадори денеска пред собраниската Комисија за надворешна политика дадоа отчет за извршената амбасадорска функција и воедно ги претставија платформите за новите дипломатски должности на кои се распоредени од Министерството за надворешни работи.

Кире Илиоски реферираше за должноста како амбасадор во Кралството Шведска и Финска и ја презентираше неговата  платформа како новоименуван амбасадор и шеф на постојаната мисија при меѓународните организации во Виена. Пајо Авировиќ  даде отчет за  должноста амбасадор и постојан претставник во ОН и со платформа за амбасадорската функција во Израел. Отчетно обраќање имаше и Илија Исајловски за должноста амбасадор во Руската Федерација и платформата за Кина, а амбасадорот Зоран Дабиќ со отчет за должноста постојан претставник на Македонија при меѓународните организации во Виена и платформа за новата функција -амбасадор и шеф на Постојаната мисија на земјава при НАТО во Брисел.

Во текот на дебатата, пратениците го поддржаа номинирањето на сите четворица амбасадори кои се професионални кадри и дипломати од кариера и го поздравија нивниот досегашен ангажман во промоцијата и афирмацијата на македонските надворешно-политички интереси. За опозицијата спорно беше воведувањето на отчетот спроти претстојните избори како нов принцип во работата на оваа Комисија.

Според претседателот на Комисијата за надворешна политика и член на владејачкото мнозинство Антонио Милошоски отчетното излагање на амбасадорите на кои им завршува мандататот има цел да се дополни транспарентноста и мотивираноста, како и да и се даде тежина на Комисијата, но и на самите амбасадори во извршувањето на функцијата.