РСБС во „Европската недела на мобилност“: Иднината на одржливата мобилност е во твои раце! Вози Велосипед!

Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата во наредните 7 дена ќе реализира низа активности за промоција и поддршка на алтернативните форми на мобилност со посебен акцент на поддршка на велосипедизмот.

Ови активности се во рамки на „Европска недела на мобилност” – кампања која  на иницијатива на Европската комисија, се спроведува секоја година,  во периодот од 16 до 22 септември. Кампањата има за цел промоција на алтернативни форми на мобилност како што е пешачењето, велосипедизмот

Возењето на велосипед, или велосипедизмот, како алтернативно превозно средство носи со себе многубројни бенефити,- персонални, економски, социјални, еколошки и многу други.  Како резултат на сите овие бенефити, луѓето сѐ повеќе ги заменуваат своите автомобили со велосипеди како начин на мобилност и транзитирање до посакуваната дестинација. Истражувањата покажуваат дека во измината деценија бројот на луѓе кои патуваат до своето работно место со велосипед, континуирано  се зголемува од ден на ден и позитивно е оваа појава да продолжи и во иднина.

Прво и пред сѐ треба да се потенцираат здравствените бенефити од возењето велосипед. Општо познато е дека луѓето коишто инкорпорираат физички активности во нивниот дневен живот, генерално живеат подолг и поздрав живот од останатите. Велосипедизмот како физичка активност помага во градењето на мускулот, слабеење, спуштање на високиот крвен притисок и зајакнување на срцето. Исто така, возењето велосипед, докажано помага при намалување на стресот, и подобрување на сонот.

Еколошките бенефити кои ги носи велосипедизмот се исто така доста значајни. Велосипедот како превозно средство не троши фосилно гориво, и со тоа нивото на издувни гасови во воздухот се намалува и квалитетот на воздухот расте. Што значи дека колку повеќе автомобили отстраниме од улица, и ги замениме со велосипеди, толку подобро за сите нас,  за нашето здравје, и околината во којашто живееме.

Безбеден и протечен сообраќај: Истражувањата покажуваат дека најголемиот дел од дневните патувања кои ги правиме секојдневно се пократки од 5 километри,  што ги прави идеални за изминување со велосипед. Користењето на велосипедот како превозно средство ви овозможува да ги избегнете метежите по улиците и да патувате безбедно и да пристигнете до вашата дестинација побрзо, и со помалку нервози.  Патувањето со велосипед  исто така го елиминира еден од најголемите проблеми на патувањето со автомобил, а тоа се паркинг местата.

Финансиски бенефити: Од финансиски аспект, изборот помеѓу автомобил и велосипед е очигледен. Додека автомобилот чини неколку илјадници евра, просечен велосипед чини неколку стотици. И не само тоа, туку велосипедот не ги сноси сите дополнителни трошоци кои ги повлекува автомобилот. Гориво, сервисирање, регистрација, паркинг, осигурување и многу многу други.

Затоа РСБСП со потсетување: „Возењето велосипед може да го спаси светот  и да го направи Вашиот живот подобар! Одважи се, вози велосипед!