РСБСП предаде 10 возила за потребите на сообраќајната полиција

„Нашето партнерство, особено во сообраќајната превенција, преку развојот на сообраќајната култура, едукација, но и подобрување на нормативните и стручни механизми за безбедносни стандарди, е крајно позитивен и важен пример за тоа како меѓуинституционалната соработка може и треба да се реализира и развива во интерес на сите учесници во сообраќајот“, рече рече министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски при преземањето на 10 возила „дачија сандеро“ за сообраќајната полиција од Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата, кој секоја година 30 отсто од своите средства ги наменува за модернизација на уредите и опремата на надлежната организациска единица во МВР за контрола и регулирање на сообраќајот.

„Минатата 2021 година заврши како година со најмал број на жртви во сообраќајот во последните 15 години – 116, при што најголемо намалување на сообраќајните незгоди според местото на случување е забележано на подрачјето на СВР Скопје. Податоците од првото тримесечје во 2022 година покажуваат дека и оваа година продолжува трендот на намалување на бројот на жртви. Во првите три месеци од 2022 година статистиката бележи 18 жртви, што е за 10 помалку споредено со истиот период лани, кога имало 28, а во месец април 2022 имаме четири жртви, за разлика од април 2021 кога имало 12“, рече Спасовски.

Според Гордана Кожуваровска, претседатлката на РСБСП, примената на современа техничка опрема во процесот на управување и контрола на сообраќајот на патиштата значително ќе ја зголеми ефикасноста на работата на сообраќајната полиција и ќе го зголеми обемот и квалитетот на извршените сообраќајни контроли.