РСБСП со апел за Илинден: Сообраќајките не бираат време и место

Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата (РСБСП) преку соопштение апелира за совесно и одговорно однесување на сите учесници во сообраќајот.

Индикаторите за безбедноста на сообраќајот на патиштата укажуваат на фактот дека во летниот период, за време на годишните одмори, во услови на зголемена сообраќајна фреквенција, високи температури и опуштена атмосфера, се зголемува ризикот за влошување на безбедноста на сообраќајот на патиштата, посочуваат од РСБСП.

Статистичките податоци, потенцираат, покажуваат дека во летниот период, односно во летните месеци, доаѓа до речиси двојно зголемување на бројот на загинати и повредени лица во сообраќајни незгоди во однос на останатите месеци од годината. Дополнително ризикот се зголемува кога станува збор за празници односно за продолжен викенд во сезона на годишни одмори, а токму такви се деновите кои доаѓаат.

Од РСБСП повикуваат учесниците во сообраќајот да ја намалат брзината и да возат одговорно, да не управуваат и да не почнуваат да управуваат моторно возило доколку консумирале алкохол, да останат смирени и безбедни и во ситуација на сообраќаен метеж, да не пристигнуваат на полна линија или да пристигнуваат колона на возила, да бидат фокусирани и концентрирани во сообраќајот, да гледаат во коловозот и да не користат мобилен телефон за време на управувањето со возилото, да држат безбедно растојание меѓу возилата, да возат одморени, со претходно испланирано патување и со редовни паузи за време на патувањето, да направат техничка проверка на возилото и бидат сигурни дека нивното возило е подготвено за безбедно патување и да користат сигурносен појас и соодветно детско седиште.

Без разлика на кој начин учествувате во сообраќајот – возач, мотоциклист, велосипедист или пешак, најважно од се е безбедно да пристигнете до саканата дестинација, додаваат од РСБСП и на сите учесници во сообраќајот им го честитаат големиот празник – Илинден.