РСБСП со препораки за возачите и за пешаците како да останат безбедни во сообраќајот во зима

Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата (РСБСП) апелира до возачите во зимски услови да го прилагодат возењето спрема временските услови и условите на патот, да ги почитуваат пешаците и да се погрижат за нивната безбедност во сообраќајот, а пешаците да внимаваат затоа без разлика дали се движат на тротоар, на пешачки премин или преминуваат преку улица, сепак тие се најподложни на повреди.

Пешаците, советува РСБСП треба да носат соодветни и добро одржувани обувки и да останат видливи и носат светла, рефлектирачка облека или предмети, како и да го планираат патувањето, да избегнуваат брзање и внимателно да го следат сообраќајот.

РСБСП апелира возачите да се однесуваат одговорно и внимателно, особено кон ранливите категории учесници во сообраќајот.

Секој возач во зимски услови на возење треба пред да тргнете на пат, да ја провери временската прогноза, резервоарот со гориво и течностите во возилото, како и задолжително да користи светла за зголемена видливост и да поседува зимски сет.

РСБСП ги советува возачите, доколку се заглават, да ги вклучат трепкачите, да постават рефлектирачки триаголник на патот, а ако има големи наноси на снег за означување на возилото може да закачите обоена ткаенина на антената, како и да останат во возилото додека не дојде помош.