РСС до операторите и регулаторите: Трошоците за роаминг за Западен Балкан треба да бидат 0

Регионалниот совет за соработка (РСС) предупредува дека Регионалниот договор за роаминг на Западен Балкан е јасен и дека трошоците за роаминг од 1 јули годинава треба да бидат 0, односно да нема трошоци за роаминг.

„Загрижени граѓани постојано ни јавуваат и велат дека одделни оператори не ги известуваат за тоа дека од 1 јули 2021 повеќе нема трошоци за роаминг, дека пораките се неодредени и комплицирани, а особено оние врзани за користење на мобилни податоци, односно интернет. Ги повикуваме телеком операторите и националните регулаторни тела да обезбедат адекватни известувања, како и примена на договорот. Покрај тоа, граѓаните се советуваат за дополнителни информации да ги контактираат своите оператори“, велат од РСС.

Во Регионалниот договор за намалување на цените на роамингот, нагласуваат, јасно се наведува дека од  јули давателите на услуги за роаминг во регионот на Западен Балкан нема да наплатуваат никаков дополнителен надомест на домашната малопродажна цена на корисниците на роаминг во регионот на Западен Балкан за регулирани повици во роаминг, појдовни или дојдовни, за сите регулирани СМС пораки кои се праќаат во роаминг и регулирани услуги на пренос на податоци во роаминг, вклучувајќи и ММС пораки, како ниту општ надомест за користење на терминалната опрема или услуги во странство.

РСС во исто време наведува дека во соработка со националните регулаторни тела подготвиле список на најчесто поставувани прашања кои може да ги имаат граѓаните, а кои се поврзани со бесплатниот роаминг на Западен Балкан и тие прашања и појаснувањата и на македонски, можат да се прочитаат на следниот линк: https://www.rcc.int/docs/583/answers-to-frequently-asked-questions-on-roaming-free-western-balkans .

Генералната секретарка на РСС Мајлинда Брегу, вчера на Преспа форум дијалог ги повика премиерите да си проверат со националните регулаторни тела и со операторите, дали операторите се придржуваат до договорот, затоа што, како што рече, примиле повици од загрижени граѓани дека од одделни оператори тој не се спроведува.

Од Регионалниот совет за соработка повториуваат дека седната фаза е почеток на работата со Европската Унија за намалување на цените на роамингот помеѓу Западен Балкан и ЕУ.