РСС: Вложувањата на ЕУ во Западен Балкан имаат потенцијал да привлечат 32 милијарди евра

Вложувањата на ЕУ од девет милијарди евра, плус 3,3 милијарди за справување со пандемијата од Ковид-19, имаат потенцијал да првивлечат вкупно 32,3 милијарди евра.

Ова се наведува во аналитичкиот текст објавен на страницата на Регионалниот совет за соработка (РСС), потпишан од првите две жени на оваа организација, секретарката Мајлинда Брегу и нејзината заменичка Тања Мишчевиќ.

Според РСС, Западен Балкан, меѓу другото и поради недостаци и слабости во здравствените системи ќе претрпи огромна економска штета, каква што не е видена во последните две децении. Авторките наведуваат дека економиите на Балканот ќе ја завршат годинава со – 5,1 отсто и тоа се должи на лошите бројки од вториот квартал, каде што најдобро стојат Косово и Србија со -9,3 и -9,2 отсто пад, а најлошо Северна Македонија со -12,7 и Црна Гора со пад од дури 20,2 отсто од БДП.

Невработеноста само од март до јули се зголемила во просек од 15 отсто, а посебно се погодени младите чија што невработеност пораснала за 27 отсто.

Добрата вест, според РСС, е тоа што за 2021 година се предвидува раст во сите земји и идната година треба се заврши со раст на регионот од 3,4 отсто.

Но, за да се оствари ова потребна е заедничка соработка, велат од РСС. „Тука се економскиот инвестициски план и заедничкиот регионален пазар за периодот од 2021 до 2024…тоа значи во пракса подобри патишта и железници, повеќе добри бизниси, здрава конкуренција, чист воздух, чисти реки…Во вакви времиња поцврстата регионална соработка добива уште повеќе на значење“, заклучуваат од РСС

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.