Рудник Саса: Краткотрајното истекување на јаловина не ја загрози животната средина

Откако во јавноста се појави информација дека утринава била предизвикана еколошка катастрофа со истекување на јаловина од рудникот Саса во Македонска Каменица, со свој став се огласија од рудникот.

Оттаму информираат дека навистина имало дефект поради кој дошло до истекување, но дека во многу брзо состојбата е нормализирана при што не дошло до загрозување на животната средина.

-Денеска, околу шест часот, се случил дефект на насипот на јаловиштето број 4 на рудникот Саса, предизвикувајќи краткотрајно истекување на јаловишни води во локалниот речен тек. Набргу по дефектот истекувањето е запрено и состојбата е нормализирана.

Професори од рударскиот факултет во Штип и градежниот факултет во Скопје, заедно со стручни екипи на компанијата, отпочнаа детална истрага за да ги утврдат причините за инцидентот.
Првичните резултати од истрагата покажаа дека дефектот не претставува закана за здравјето и безбедноста на вработените во рудникот и на жителите во неговата околина.

Дополнително, постапувајќи согласно одредбите од Законот за заштита на животната средина и правилата од А-интегрираната еколошка дозвола, за настанот се известени и сите надлежни институции на државно и локално ниво – се наведува во информацијата испратена од рудникот Саса.