Рудникот за антимон во Липково ќе отвори 300 нови работни места

Министерот за економија Ваљон Сараќини  денеска го  посети  рудникот за експлоатација на минералната суровина антимон во локалитетот Лојане општина Липково, за кој Министерството за економиа преку Владата на Република Македонија објави Јавен повик за негово доделување под концесија за експлоатација.

“Рудникот во Лојане се очекува да започне со работа во 2017 година, со ангажирање на најмалку 300 работници. Инвестицијата за отварање на овој рудник е 30 милиони евра, со што освен директните приливи од концесијата и новите работни места, оваа инвестиција ќе значи и дополнителна можност за заработка на многу локални мали и средни компании од кумановско-липковскиот регион“, информираше министерот Сарачини.

Согласно законот за минерални суровини досега доделени се вкупно 332 концесии за експлоатација и околу 100 концесии за детални геолошки истражувања на минерални суровини. Уплатените средства по основ на концесиски надоместок се  22% приход на Буџетот на Република Македонија и 78% приход на буџетот на општината на чие подрачје се врши концесиската дејност.

Од економски аспект, споредено со истиот период од минатата година во индустриското производство во секторот рударство и вадење на камен се бележи пораст од 6.7%. Овој сектор континуирано има позитивна стапка на раст на производството што го прави истиот еден од водечките сектори од индустриското производство и со учеството од 1,5 % во бруто домашниот производ и е од големо значење за македонската економија.

“Што се однесува пак до општините на чија територија се врши експлоатација на минерални суровини, би сакал да потенцираам дека, општините имаат значително големи приходи по основ на уплата на концесискиот надоместок, особено кај оние,  каде што има рудници за експлоатација на металични минерални суровини.За потсетување, само во последната 2013 година вкупните средства уплатени по основ на концесиски надоместок се околу 450 милиони денари, од кои 78 % се распределни по општинските буџети на чија територија се врши експлоатација, а 22 % се приходи на државниот буџет“, истакна министерот.

Инаку во последниве неколку години се бележи постојан тренд на пораст на прилив на средства по основ на концесиски надоместоци од експлоатацијата на минерални суровини во Република Македонија, што е доказ дека овој ресор на државата е во подем на постојан развој.  Министерството за економија и понатаму ќе продолжи посветено да работи на промоција на потенцијалите на овој сектор кој нуди сериозна можност за развој на економијата

Изборот на најповолниот понудувач на јавниот повик ќе се изврши после завршувањето на изборниот процес. Заинтересираните инвеститори треба да ги достават своите понуди најдоцна до 14 мај 2014 година, а електронското наддавање преку системот е-концесии ќе се одржи на 19 мај, со што ќе се избере нов концесионер кој ќе работи со рудникот.