Русија одговори на обвинувањата на трите големи сили за хакерскиот напад: Имаме да порачаме само едно

Русија ги отфрли тврдењата на САД, Велика Британија и Канада дека руски хакери стојат зад нападите на нивните здравствени установи со цел да дојдат до податоци за вакцината против коронавирусот.

Портпаролот на Кремљ, Димитриј Песков остро ги отфрли ваквите тврдења на американските, британските и канадските власти, дека Русија стои зад хакерските напади на тамошните здравствени установи и истражувачки центри од кои наводно „исчезнувале“ податоци за вакцината против коронавирусот.

„Немаме информации кој би можел да ги нападне фармацевтските компании и истражувачки центри во Обединетото кралство. Имаме да порачаме само едно, а тоа е дека Русија нема ништо во врска со овие обиди и не ги прифаќаме таквите обвинувања, исто како што ги отфрливме обвинувањата дека сме се мешале во изборите во 2019-та година во Британија“, изјави Песков.

Да потсетиме, претходно во текот на денов Велика Британија заедно со САД и Канада ја обвини Русија дека стои зад хакерските напади кои наводно и натаму се во тек.

Според нив, хакерите се обидуваат да продрат во системите на бројни лаборатории, болници и истражувачки центри со цел да дојдат до податоци за вакцината против коронавирусот.

Британскиот Национален центар ја обвини групата наречена “APT29” за напади на истражувачките центри и од таму соопштија дека се речиси сигурни дека зад нападите стојат руските разузнавачи.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.