Русија ја обвини Украина дека ги пали житниците на југоистокот

Вооружените сили на Украина и паравоените формации користат хеликоптери и артилерија за да ги запалат полињата со житни култури во регионите Запорожје, Николаев, Харков и Херсон, на украинскиот југоисток кои се под контрола на заедничките сили на проруските сепаратисти и руската војска, обвини во понеделникот началникот на рускиот Национален центар за управување со одбраната, генерал-полковникот Михаил Мизинцев кој го води и меѓуресорскиот координативен штаб за хуманитарен одговор во Украина.

„ Во регионите Запорожје, Николаев, Харков и Херсон, припадниците на вооружените сили на Украина, заедно со милитантите на националистичките баталјони, намерно запалија полиња со житни култури користејќи хеликоптери и артилерија“, рекол Мизинцев кого го цитира агенцијата ТАСС.

Според него, припадниците на паравоените формации на екстремистичките украински движења распоредиле артилерија и повеќекратни ракетни лансирни системи на територија на голем комплекс амбари во Калиновка, крај Бахмут, на територијата од одметната проруска област Доњецк која сѐ уште е под контрола на Киев. Од таму, предупредил Мизинцев, систематски отвораат оган врз позициите на руската војска, со цел да испровоцираат возвратен оган.

Рускиот генерал истакнал дека ваквите и слични наводно провокации од страна на украинските власти се изведуваат во заднината на актуелната „хистерија на ‘цивилизираниот’ Запад и нивните лажни обвинуваа против Русија за наводно вештачко предизвикување на глобалната прехранбена криза“.

Мизинцев, исто така, предупредил дека постојат сознанија дека наскоро се планирани инсценирани материјали за наводни „руски злосторства“ планирани од украинските служби а коишто според него ќе бидат дистрибуирани преку западните медиуми.