Русија ќе ја регистрира и третата вакцина против Covid-19

Регистацијата на третата руска вакцина против коронавирусот, создадена во научниот центар „Чумаков“, е најавена за 20-ти февруари, објавено е во четвртокот на веб-страницата stopkoronavirus.ru., откако претходно вицепремиерката Татјана Голикова оцени дека тоа треба да се случи кон средината на месецот.

Препаратот под назив „КовиВак“, нема да биде само третата вакцина против Covid-19 којшто ќе се употребува во Русија, по „Спутник V“ и „ЕпиВакКорона“, туку ќе биде и сосема различна вкацина според видот, велат нејзините создавачи. Имено, оваа вакцина била развиена врз основа на цел инактивиран (ткн „убиен“) коронавирус. Кога се воведува во организмот, тој го препознава антигенскиот состав на вирусот, го запаметува и во иднина треба да биде подготвен на сите негови појавувања.

Според директорот на научниот ценатар „Чумаков“, Ајдар Ишмухаметов, бидејќи вирусот се користи како целина, а не само фрагмент од неговиот геном, „КовиВак“ ќе биде ефикасна и против новопојавените мутираните соеви на SARS-CoV-2.

Клиничките испитувања на оваа вакцина заполнале на почетокот од октомври 2020-та кога биле вакцинирани 200 доброволци, и досега според објавите не биле идентификувани несакaни дејства на препаратот. Втората фаза од тестирањето врз луѓе започнала во декември во клиники во Санкт Петербург, Новосибирск и Киров, со која исто така биле опфатени 200 волонтери.

Во јануари, создавачите на вакцината до рускиот регулатор ги поднеле документите за нејзина регистрација. Се додава дека наскоро ќе биде завршена втората фаза од клиничките испитувања, по што ќе започнат финалните дополнителни проверки на три илјади волонтери.