Русија ќе испорача оружје за земјите кои граничат со Авганистан

Руските власти соопштија денеска дека добиле нови нарачки за оружје од земјите во Централна Азија, додавајќи дека ќе испорачаат оружје и хеликоптери во тие држави поради стравот од натамошен развој на настаните во Авганистан, каде што талибанците ја презедоа власта.

– Ние веќе работиме на голем број нарачки за земјите од тој регион, кои бараат руски хеликоптери, лесно оружје и модерни системи за заштита на границите, изјави Александар Михејев, генерален директор на Агенцијата за извоз на оружје.

Земјите од Централна Азија, особено Узбекистан и Таџикистан, кои граничат со Авганистан и доживеаја џихадистички напади во 1990-те и 2000-те, се загрижени поради враќањето на талибанците на власт.

Москва, која има воени бази во Централна Азија, стравува од упади на авганистански џихадисти, вклучително и „борци преправени во бегалци“, кои потоа би можеле да влезат на руска територија.

Друга причина за загриженост е порастот на трговијата со опиум и хероин.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.