Русија е отворена за преговори за размена на кошаркарката Бритни Грајнер за шверцер на оружје

Русија кажа дека е отворена за преговори за размена на затвореници, ден откако американската кошаркарка Бритни Грајнер беше осудена на девет години затвор за поседување дрога. Од Белата куќа кажаа дека нивната понуда е сериозен предлог, без да дадат детали.

Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров денеска изјави дека Владимир Путин и Џо Бајден договориле дипломатски канал преку кој би се разговарало за можна размена на затвореници.

Американските медиуми објавија дека Вашингтон сака да ја размени Грајнер за рускиот шверцер на оружје Виктор Боут, кој служи 25-годишна затворска казна, но побарал во зделката да биде вклучен и поранешниот маринец Пол Велан. Тој беше осуден на 16 години затвор во Русија за наводно шпионирање. Белата куќа вели дека двајцата американски државјани биле незаконски приведени и мора да бидат пуштени.

„Ги повикуваме Русите да го прифатат предлогот. Требаше да го прифатат уште пред неколку недели“, кажа портпаролот на Белата куќа, Џон Кирби.

Русија и САД разменија затвореници и во април, која ги вклучи бившиот маринец Тревор Рид и рускиот пилот Константин Јарошенко.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.