Русија е согласна дека војната во Украина не треба да стане замрзнат конфликт

Русија е согласна со Западот дека украинската војна не треба да стане замрзнат конфликт и ќе продолжи да ги спроведува своите цели во Украина, соопшти портпаролот на Кремљ Дмитриј Песков за ТАСС.

Тој на прашањето дали Русија го дели мислењето на Западот дека не треба да се дозволи воениот конфликт во Украина да стане замрзнат, одговори дека Русија тоа го поддржува.

Песков кажа дека Русија ја разгледува само можноста за завршување на „специјалната воена операција“, како што Москва ја нарекува инвазијата во Украина и дека таа ги обезбедува своите интереси и ги остварува своите цели или преку специјалната воена операција или со други расположливи средства.

Портпаролот на Кремљ истакна дека е прерано за одговор кој од предложените планови за примирје би бил попожелен за Русија, но не сакаше ни да коментира дали Москва има свој план за примирје.

„Сè уште е рано да се зборува за тоа. Очигледно уште нема никакви предуслови за мировен процес. Специјалната воена операција продолжува“, кажа Песков.

Германскиот канцелар Олаф Шолц соопшти претходно дека мировните преговори за завршување на војната во Украина не би требало да имаат цел замрзнување на конфликтот, а слично мислење изнесоа и други западни лидери, како и режимот во Киев.