Русија ги предупреди САД и ЕУ да не воведуваат санкции за Белорусија

Министерството за надворешни работи на Русија денеска ги предупреди Соединетите држави и Европската унија да не воведуваат санкции за Белорусија и да не се мешаат во нејзините внатрешни проблеми, пренесе „Ројтерс“.

Соопштението беше издадено по разговорите меѓу рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров и американскиот заменик државен секретар Стивен Биган во Москва.

„За време на разговорите за актуелната состојба во Белорусија, руската страна смета дека никој не смее да изврши притисок врз Минск, ниту преку санкции, ниту политички“, се вели во соопштението.

Потсетуваме, минатата недела се одржа видео самит на ЕУ за кризата во Белорусија, на кој официјалните лица го осудија „непропорционалното и неприфатливо насилство“ на државните власти против мирни демонстранти.

Заклучоците од самитот укажуваат дека ЕУ не ги признава претседателските избори кои не беа ниту слободни ниту фер, дека ЕУ стои покрај народот на Белорусија и ги повикува белоруските власти да најдат начин за излез од кризата, без насилство и со сеопфатен национален дијалог.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.