Русија го зголемува производството на најмоќното оружје, порача Медведев

Русија го зголемува и забрзува производството на своите најмоќни оружја наспроти бројните потези на западните земји, изјави во неделата поранешниот руски претседател и премиер Дмитриј Медведев, сегашен заменик претседател на националниот Совет за безбедност.

„За нас (ситуацијата) е многу сложена – нашиот непријател се вкопа не само во Киевската губернија на нашата Малорусија. Тој е во Европа, Северна Америка, Јапонија, Австралија, Нов Зеланд и во редица други места коишто се заколнаа на верност на модерните нацисти“, објави Медведев на апликацијата Telegram.

Додава дека напредното вооружување, меѓу другото, се заснова на „нови принципи“, алудирајќи на новите генерации хиперсонични оружја коишто ги поседува Русија, додека САД сѐ уште се во фазата на тестирање.

„Поради сето тоа, го интензивиравме производството на најмоќните оружја, вклучително и оние темелени на новите принципи“, објави Медведев во неделата рано претпладнето

Изјавата на Медведев е упатена во врска со изјавата од саботата на секретарот на Советот за национална безбедност и одбрана на Украина, Олексиј Данилов, кој изјави дека „непријателот“ на Украина се наоѓа на територијата од анектираните републики Донбас до Владивосток и оти украинската војска е способна да напаѓа било која цел на територијата на Русија, доколку продолжат ударите врз украинската енергетска инфраструктура.

Изјавата на Данилов дојде откако претходно седмицава беше изведен обид за напад на модернизирани бесилотни летала од советската ера врз аеродроми длабоко и до 600 километри во длабочината на руската територија.

Истовремено британскиот весник The Times објави, повикувајќи се на извори на американски Пентагон, дека Вашингтон ја ревидирал својата практика да го спречува Киев да изведува напади врз цели на територијата на Русија, и дека „нема да му кажуваат“ на украинското водство „како да го користи“ оружјето.

Западните мејнстрим медиуми веднаш по објавата на Медведев повторно ја актуелизираа темата за „нуклеарната закана“ од страна на Москва.

Меѓутоа, во тој контекст кој е надвор од содржината на изјавата на Медведев, претходно седмицата рускиот претседател Владимир Путин истакна дека нуклеарното оружје за Русија е „средство за одвраќање“ од агресија врз нејзиниот суверенитет и територијален интегритет, но предупреди дека секој нуклеарен напад врз Русија ќе заврши со „збришување на противникот од лицето на Земјата“.

Путин, исто така, потсети дека токму стратешката доктрина на САД предвидува превентивен нуклеарен напад, додека за Русија нуклеарниот арсенал е средство за одвраќање и „моментална одмазда“.

Изјавата на рускиот претседател во Вашингтон веднаш ја оценија дека со тоа наводно тој ја најавил можноста Москва да ја модификува својата доктрина со воведување превентивен удар поради разоружување на непријателот. Американскиот Стејт департмент ги осуди таквите изјави велејќи дека „секоја дискусија за нуклеарното оружје, колку и да се замаглени, е апсолутно неодговорна“.