Русија и Кина го критикуваа Г7 за политиката на нивно „зауздување“ и мешање во нивните внатрешни работи

Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров изјави во саботата дека одлуките коишто земјите од групата Г7 ги донесоа на самитот на Јапонија е насочена на „двојното зауздување“ на Русија и Кина и рече дека „западните трикови“ при мешањето во руската политика се „исцрпени“, а Кина ги обвини дека се мешаат во нејзините внатрешни работи.

Лавров во рамките на заседание на заедничкиот руски Совет за надворешна и одбранбена политика, изјави дека Русија во моментов се соочува со агресивен блок кој го сочинуваат САД, Европската унија и НАТО, и посочи дека руската страна не покажува непријателство самоиницијативно, туку е принудена да одговори на „објавената војна“,

„Непријателството доаѓа од другата страна на барикадите, што ги делат оние кои сакаат да живеат според своето мислење и во интересите на својот народ од оние кои сакаат да живеат на сметка на другите“, рече Лавров.

Шефот на руската дипломатија, исто така, оцени дека не гледа перспективи или компромиси кои што ќе ја сопрат транзицијата кон мултиполарниот свет. Според Лавров, можни се одредени „паузи“ во тој процес, но и дека „дојдена е ерата на премин кој мултиполарноста и одбивањето за потчинетост на хегемонот“, а тоа може да биде „долга и историска“ и прецизираше дека Русија „има многу сојузници“ по ова прашање.

Подоцна на конференција за медиумите Лавров го повтори тврдењето дека ткн колективен Запад ја испровоцирал и ја користи војната во Украина за да ѝ нанесе стратешки пораз на Русија.

„Задачата е поставена гласно и отворено – да се порази Русија на бојното поле, но не само тоа, да се елиминира како геополитички ривал“, алудираше Лавров на изјавите на европските челници и, во прв ред, на генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, кој неколкупати истакна дека Русија „не смее да победи во војната“ и дека за мирот во Украина ќе се разговора по рускиот пораз.

„Погледнете ги одлуките за кои се дискутира и кои се усвојуваат денеска на собирот на Г7 во Хирошима, а чијашто цел е двојното зауздување на Русија и Кина“, додаде Лавров.

Челниците на Г7 претходно во заедничка изјава соопштија дека договориле да ги зајакната санкциите против Русија и да ја намалат својата изложеност на Кина. Притоа го повикаа Пекинг „да ја примора“ Москва на „запирање на воената агресија и повлекување на силите од украинската територија“.

И кинеското министерство за надворешни работи го критикуваше соопштението на Г7 и протестираше против Јапонија како организатор на собирот. Од Пекинг соопштија дека Г7 ја игнорира загриженоста на Кина, како и дека ја напаѓаат и се мешаат во нејзините внатрешни работи, вклучително и во однос на Тајван.

Во Хирошима во саботата пристигна и украинскиот претседател Володомир Зеленски и се сретна со индискиот премиер Нарендра Моди, францускиот претседател Емануел Макрон, со италијанската премиерка Џорџа Мелони и со британскиот премиер Риши Сунак.

 

Лидерите на Индија и Бразил, двете земји кои се во групата БРИКС со Кина и со Русија, а кои не се дистанцираат од Москва, беа поканети во Хирошима во обидите овие две големи земји да се отклонат од Пекинг и Москва.

„Мораме да ги искористиме сите средства за да ги убедиме неврзаните држави да го бранат суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина“, изјави претходно во саботата за новинарите функционер на францускиот претседател, алудирајќи на тоа што мноштвото земји освен во Северна Америка, Африка и Азија се воздржаа да се придружат на осудата на руската инвазија и да воведат санкции.

„Франција од почетокот е рамо до рамо со вас. Ќе бидеме тука и до самиот крај“, му рекол Макрон на Зеленски.

Моди на состанокот изразил поддршка за дијалогот и дипломатијата, објави неговиот кабинет на Twitter. Зеленски на Telegram напиша дека индискиот премиер го запознал со хуманитарните потреби на Украина и формулата за мир која ја предлага Киев и ја повикал Индија да учествува во нејзината примена. Засега нема информација каков бил одговорот на Моди.

Пристигнувањето на Зеленски во Хирошима е ден откако американскиот претседател Џо Бајден во петокот на претставниците на Г7 им кажа дека Вашингтон ја поддржува заедничката обука на украинските пилоти за употреба на американските борбени авиони „F-16“. Во Киев тоа го појаснија, како и во случајот со западните тенкови, дека е сигурно дека Украина ќе ги добие наскоро овие авиони.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.