Русија му порача на Западот-откажувањето од нашата енергија е апокалипса

Американскиот претседател Џо Бајден и претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен вчера на заедничка прес-конференција објавија дека трансатлантското партнерство е посилно од кога било и дека ЕУ ќе ја замени Русија како снабдувач на сино гориво. Планирано е тоа да се случи во 2027 година.

Сепак, ветената испорака од 15 милијарди кубни метри американски течен природен гас (LNG) до крајот на 2022 година покрива само 7,7 отсто од вкупниот годишен увоз од Русија. Најавено е дека во наредните години тие количини треба да бидат околу 50 милијарди кубни метри. Очигледно во наредниот период Европа ќе се обиде да купи поскапа енергија од алтернативни извори.

„Знам дека елиминацијата на рускиот гас ќе има цена за Европа“, рече Бајден. – Но, тоа е точно од морална гледна точка и ќе ја зајакне стратешката позиција на ЕУ.

Од друга страна, пак, рускиот вицепремиер Александар Новак оценува дека откажувањето на Европа од нивната енергија е апокалиптично сценарио.

Според германскиот весник „Шпигел“, Министерството за економија на таа земја сака до лето да ја преполови зависноста од нафтата од Русија и до есен да го елиминира увозот на нивниот јаглен.

– Воведувањето ембарго на рускиот гас и нафта во овој момент би имало премногу сериозни економски и социјални последици – изјави неименуван извор од Министерството. – Германската влада истражува локации во Северното и Балтичкото Море за терминали за ЛНГ кои би можеле да станат оперативни на краток рок, можеби следната зима.