Русија објави документи за развој на биолошко оружје во Украина, финасирано од САД

Документацијата којашто руската страна ја добила од вработени во украински биолошки лаборатории потврдува дека биле развивани компонентни за биолошко оружје во Украина, во непосредна близина на границата со Русија, изјави во неделата портпаролот на руското министерство за одбрана, генерал-мајорот Игор Конашеков.

Според него, документите до коишто дошла руската војска укажувале на наредба од властите во Киев за итно уништување на трагите за воено-биолошка програма која се изведувала во украинските лаборатории.

„Добиените документи потврдија дека компоненти од биолошко оружје биле развивани во украинските биолаборатории во непосредна близина на руската територија“, изјавил Конашенков на редовниот дневен брифинг, кого го цитира агенцијата РИА.

Портпаролот на руската одбрана посочил дека руските војски кои од 24-ти февруари ја спроведуваат воената операција којашто Москва ја опишува како „специјална операција“, откриле факти за тековна воено-биолошка програма финансирана од американското министерство за одбрана.

Според Конашенков, од вработени во украинските биолошки лаборатории биле добиени информации за итно уништување на особено опасни патогени, истиот ден со започнувањето на руската офанзива на 24-ти февруари, како што се чума, антракс, туларемија, колера и други смртоносни болести,

„Очигледно, со почетокот на специјалната воена операција, во Пентагон сериозно биле загрижени дека ќе биде откриено изведувањето тајни биолошки експерименти на територијата на Украина“, рекол портпаролот на руското министерство за одбрана.

„Пентагон имал сериозни стравувања дека светот ќе стане свесен за спроведување на тајни биолошки експерименти на територијата на Украина. За да се скрие прекршувањето од страна на Вашингтон и Киев на првиот член од Конвенцијата на ОН за забрана на бактериолошко (биолошко) и токсично оружје, украинското министерство за здравство испратило инструкција до сите биолаборатории итно да ги елиминираат залихите од опасните патогени“, додал Конашенков.

Додал дека руското министерство за одбрана има намера многу скоро да ги презентира резултатите од анализата на добиената документација.