Русија почна да вакцинира и животни против коронавирусот

Русија почна да ги вакцинира домашни миленици против коронавирусот, објави агенцијата РИА.

Кон крајот на март, во Русија беше регистрирана првата вакцина во светот против коронавирус за животни. Заменик директорот на Федералната служба за ветеринарен и фитосанитарен надзор на Русија, Константин Савенков, тогаш објави дека масовното производство на вакцината Карнивак-Ков може да почне во април.

Тестирањето покажало дека кучињата, мачките, лисиците и визоните развиле антитела по приемот на вакцината.

– Тоа е првата и моментално единствената вакцина против коронавирус за животни. Сите животни кои ја примиле првата доза на вакцината, во 100% од случаите развиле антитела кон коронавирусот – вели Савенков.

Воените кучиња биле вакцинирани во пресрет на нивното појавување на парадата на Црвениот плоштад на 9 мај.

Вирологот д-р Надежда Рахманина смета дека оваа вакцина ќе биде особено важна за животните што имаат крзно, но додава дека не е сигурна дали оваа вакцина им е потребна и на домашните миленици.

– Во текот на изминатата година не е докажано дека домашните миленици можат да заразат луѓе или нивните сопственици. Постојат изолирани случаи на инфекција кај мачки кои се опишани и докажани. Но, сè уште нема цврсти докази – додава таа.

Во јануари, група научници рекоа дека мачките и кучињата во иднина треба да се вакцинираат против ковид-19, бидејќи можат да бидат заразени со коронавирусот.