Русија подготвена на дијалог со САД

Русија е подготвена на отворање на дијалог со новата американска администрација на претседателот Џо Бајден за меѓусебните несогласувања, изјави во неделата портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, додавајќи дека рускиот претседател Владимир Путин со задоволство ќе одговори на американската иницијатива за разговори.

Односите меѓу Москва и Вашингтон уште од периодот кога Џо Бајден беше американски потпретседател се на најниското ниво од периодот на Студената војна. Двете страни спорат околу наводната руска улога во војна во Украина каде во политичкиот насилен преврат во март 2014 година имаше голема улога Вашингтон, како и обвинувањата на демократите на Бајден дека Москва наводно се мешала во американските претседателски избори во 2016-та па и во 2020 година, што руската страна решително го отфрла.

САД во саботата ги осуди руските власти за „груби методи“ при приведувањата на приврзаниците на Алексеј Навални во саботата кои демонстрираа на неодобрени протести. Русија возврати со остра осуда на потегот на американската амбасада во Москва со објавувањето на маршрутите на демонстрантите во руската престолнина со насочување кон Кремљ, што не беше најавено од страна на организаторите на протесот. Русија смета дека станува збор за „инструкции“ и организација на протестите од страна на западните служби.

„Секако, сметаме на успех во отворањето на дијалогот. Тоа ќе биде дијалог на којшто, секако, нашите разлики и спорови ќе мора позначајно да бидат истакнати. Дијалогот истовремено е и можност да се пронајдат рационалните точки, мали делови во кои нашите односи се подобруваат. Доколку актуелната американска влада е подготвена на таков пристап, нема соменвање дека нашиот претседател љубезно ќе се согласи на тоа“, изјавил Песков за новинарите.

Една од првите жешки теми за властите на двете нуклеарни сили е договорот за контрола на нуклеарното вооружување, позната како START-3, чија важност истекува веќе на 5-ти февраури. Белата куќа минатата седмица објави дека Бајден ќе бара петгодишно продолжување на овој договор, а Кремљ истакна дека сака да види конкретни предлози од стрнаа на Вашингтон.