Руската ракета носач „Сојуз-21.16“ во вторникот успешно поставила во орбитата ирански сателит, што на Западот се гледа со загриженост поради јакнењето на соработката меѓу Москва и Техеран кои се соочуваат со санкции од западниот свет наметнати под влијанието на САД.
Сателитот за далечински истражувања „Хајам“ со помош на руската ракета носач е лансиран од космодромот Бајконур во јужен Казахстан, рано утрото во вторникот, соопшти руската вселенска агенција Роскосмос.
Иран ги отфрла обвинувањата од Западот дека овој сателит би можел да и користи на Русија за „подобрување на надзорот над воени цели“ во Украина и тврди дека „веднаш ќе има контрола над својот сателит“.
Минатата седмица американскиот дневен весник The Washington Post објави дека американските функционери се загрижен поради вселенската соработка меѓу Русија и Иран, како и дека стравуваат дека тогаш најавеното лансирање на сателитот, не само што ќе ѝ помогне на Русија во Украина, туку и на Иран ќе му пружи „способности без преседан“ за следење на потенцијални воени цели во Израел и на Блискиот исток.
Иран соопшти дека сателитот е наменет за научни истражувања, вклучително и следење на радијацијата и климата во земјоделски цели и дека ниедна друга земја нема да има пристап до информациите кои тој ги собира.
Западните медиуми притоа потсетуваат дека рускиот претседател Владимир Путин во јули го посети Техеран во рамите на трилатералниот руско-ирански-турски самит. Истакнуваат притоа дека на средбата врховниот ирански водач ајатолахот Али Хамнеи на Путин му рекол дека Техеран и Москва мора да „останат будни за да не наседнат на измамата на Западот“.
Иран успешно го лансираше својот прв воен сателит во орбитата во април 2020 година, по што следеше и лансирањето на воениот извидувачки сателит „Нур-2“ во март 2022 година.
Русија минатата година ги демантираше наводите на американските медиуми дека има намера на Иран да му испорача напреден сателитски систем кој во голем степен ќе ги подобри неговите разузнавачки способности.
Западот е загрижен дека системите за лансирање ракети вклучуваат технологии кои се заменливи со оние кои се користат во балистичките проектили кои можат да понесат нуклеарна боева глава. Иран, пак, инсистира на тоа дека неговата вселенска програма има само научни, цивилни и одбранбени цели.