Русија потенцира дека во Нагорно Карабах пристигнале милитанти од Сирија и Либија

Руското министерство за одбрана јави денес дека во Нагорно Карабах, регионот во кој веќе четири дена трае конфликтот во кој има загинати, пристигнале милитанти од Сирија и Либија.

„Борци на нелегални оружени групи, пред сѐ од Сирија и Либија, се распоредуваат во зоната на конфликтот во Нагорно Карабах за да учествуваат во борбите“, соопшти руското министерство, додавајќи дека е „крајно загрижено поради процесот кој може да поттикне ескалација на тензиите во конфликтот“ и во целиот регион.

Русија ги повика „лидерите на заинтересираните земји да преземат ефикасни мерки за да се спречи врбување терористи и странски платеници во тој судир и за тие веднаш да се повлечат од таа област“, се наведува во соопштението на руската дипломатија.

Ерменија претходно ја обвини Турција, која го поддржува Баку, дека испраќа платеници во Нагорно Карабах. Азербејџан ги негираше обвинувањата и за возврат го обвини Ереван.

Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров им предложи денес на ерменскиот и азербејџанскиот колега Москва да биде домаќин на преговорите за спорниот регион Нагорно Карабах, во кој четврти ден се водат борби.

Лавров во одвоени телефонски разговори ја „потврдил спремноста на Москва да ги организира потребните контакти, па и средба на министерите за надворешни работи на Азербејџан, Ерменија и Русија“, се наведува во соопштението.