Русија предупредува дека заплената на резервите целосно ќе ги уништи односите со САД

Секаква можна американска заплена на руските девизни резерви целосно ќе ги уништи билатералните односи меѓу Москва и Вашингтон, изјави шефот на одделот за Северна Америка при руското министерство за надворешни работи во саботата, пренесуваат агенциите.

Западот предводен од САД по руската воена интервенција во Украина воведе сеопфатни економски, финансиски и дипломатски санкции без преседан, вклучително и замрзнување на околу половината од руските златни и девизни резерви во износ од речиси 640 милијарди долари пред почетокот на офанзивата на 24-ти февруари.

Највисоките западни функционери, меѓу кои и шефот на дипломатијата на ЕУ, Жозеп Борељ, предложија заплена на замрзнатите руските резерви со кои ќе се финансира некои идно обновување на Украина.

„Ги предупредуваме Американците на штетните последици од таквите постапки коишто трајно ќе ги нарушат билатералните односи, што не е ниту во нивниот, ниту во нашиот интерес“, вели Александар Дарчиев во интервјуто за агенцијата ТАСС.

САД и земјите во ЕУ, според податоците на администрацијата на американскиот претседател Џо Бајден, замрзнале и 30 милијарди долари сопственост на богати Руси кои тие ги поврзуваат со рускиот претседател Владимир Путин, меѓу кои се јахти, хеликоптери, недвижнини и уметнички дела.

Американското министерство за правосудство бараше пошироки овластувања од Конгресот за заплена на сопственост на руските милијардери и претприемачи како средство за притисок врз Москва поради нејзините постапки во Украина, соопштија од министерството во јули.

Дарчиев, исто така, рекол дека Русија ги предупредила САД дека дипломатските врски ќе бидат тешко оштетени, а би можеле дури и да бидат прекинати, доколку Русија биде прогласена за држава којашто го спонзорира тероризмот.

Зборувајќи за ситуацијата во Украина, рускиот дипломат рекол дека влијанието на Вашингтон врз Киев се зголемил до таа мера што „Американците сѐ повеќе стануваат директна страна во судирот“.

Дарчиев потврдил дека се водат разговори за можна размена на осуденици меѓу Русија и САД во којашто би биле вклучени Виктор Бут, руски претприемач осуден пред американски суд како еден од најголеми трговци со оружје во светот, американската кошаркарка Бритени Грејнер, обвинета за шверцување наркотици, и поранешниот американски маринец Пол Велан, осуден за шпионажа против Русија.