Русија распоредува тактичко нуклеарно оружје во Белорусија како одговор на најавата за снабдување на Украина со муниција со осиромашен ураниум

Москва и Минск се договорија за распоредување на тактичко нуклеарно оружје на територијата на Белорусија, изјави рускиот претседател Владимир Путин во интервју за ТВ каналот „Россија 24“.
Тој вели дека изградбата на складиштата ќе заврши на 1 јули. Путин тврди дека ќе го распореди оружјето без да ги прекрши обврските од Договорот СТАРТ. Според него, причина за таквиот чекор е најавата на Велика Британија за снабдување на Украина со муниција со осиромашен ураниум.
Путин рече дека Белорусија долго време се обидува да постави руско нуклеарно оружје на своја територија. Тој додаде дека Москва „го прави она што САД го прават цела деценија“.
„Во суштина, ние правиме се што тие правеа цела деценија. Тие имаат сојузници во одредени земји и нивните носачи се обучени, нивните екипажи се обучени. Ние ќе го сториме истото. За тоа праша Александар Григоревич Лукашенко“, рекол Путин, пренесува РИА Новости.
Тој додаде дека Русија веќе има стационирано 10 авиони во Белорусија способни да носат тактичко нуклеарно оружје, пренесува Ројтерс.
„Муницијата со осиромашен ураниум што Западот ќе ја пренесе во Киев не припаѓа на оружје за масовно уништување, но на некој начин создава радиоактивна прашина и затоа се смета за многу опасна. Неизбежно ќе има контаминација на засеаните површини, што ќе создаде опасност и за локалното население и за животната средина“, рече Путин, пишува Индекс.
Во вторникот британската заменик-министерка за одбрана Анабел Голди изјави дека, покрај тенковите Челинџер 2, Лондон на Украина ќе и испорача оклопни гранати кои содржат осиромашен ураниум. Путин веднаш предупреди дека Русија ќе одговори на таквите испораки.
Тактичкото нуклеарно оружје, е дизајнирано за употреба на бојното поле – на пример, за да се спротивстави на огромните конвенционални сили како што се големите формации на пешадија и оклоп. Овие оружја се послаби од стратешките нуклеарни оружја како што се боеви глави што се носат со интерконтинентални балистички ракети.
Ова оружје варира на силата од еден до 50 килотони. Силата на стратешкото нуклеарно оружје се движи од околу 100 килотони до над мегатон, иако многу помоќни боеви глави беа развиени за време на Студената војна.
Русија задржа повеќе тактичко нуклеарно оружје, околу 2.000 боеви глави, и повеќе се потпира на нив во својата нуклеарна стратегија, најмногу поради нејзиното помалку напредно конвенционално вооружување и способности.