Русија регистрираше вакцина против коронавирусот во прав

Вакцина против новиот коронавирус добила регистрација за пуштање во ткн „сува форма“ (лиофилизат), односно прашок за подготовка на раствор за интрамускулно инјектирање, соопшти во вторникот руското министерство за здравство.

„Министерството за здравство издаде сертификат за регистрација за вакцината ‘Гам-КОВИД-Ва-Лио“, создадена во Научниот центар за истражување на епидемиологија и микробилогија ‘Гамалеја’ во форма на лиофилизат… Вакцината е регистрирана ‘под условите’ во редослед утврден со указ на владата“, се наведува во соопштението, кое го цитира агенцијата ТАСС.

Во продолжение се истакнува дека регистрацијата на препаратот била издадена по резултатите од клиничките испитувања, при што препаратот покажал „ефикасност и безбедност“. Клиничките испитувања се одвивале во перидот од јуни до август на Првиот московски државен медицински универзитет. Други поединости за текот на тестирањата на вакцината не се дадени.

Претходно институтот „Гамалеја“ ја добил дозволата да спроведе пострегистрационо клиничко испитување на вакцина против коронавирусот. Во тестирањата ќе бидат вклучени 40.000 волонтери повозрасни од 18 години, а ќе се спроведуваат во низа државни медицински установи во Москва, на кои ќе им биде доставена на 3-ти септември. Во текот на следните два дена, според директорот на центарот Александр Гинцбург, ќе можат да ја даваат на доброволците, а пошироката примена може да почне во втората половина на септември.

 

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.