Русија сериозно се закани – ќе следи одмазнички одговор

Москва го задржува правото да преземе остри мерки како одговор на нападите со беспилотни летала на Киев врз Москва и Крим, соопшти руското Министерство за надворешни работи.

„Воено-политичкото раководство на Украина повторно користи терористички методи и го заплашува цивилното население. Тие напади немаа воена смисла. Силно го осудуваме ова ново злосторство на режимот во Киев. Зад дрските постапки на украинските неонацисти стои намерата на Западот да ја влоши ситуацијата“, соопшти руското Министерство.

Истражниот комитет на Русија покрена кривична постапка за нападите на Крим и Москва.

„Сите одговорни ќе бидат пронајдени и казнети. Руската страна го задржува правото да преземе остри одмазднички мерки“, велат од Министерството за надворешни работи на Русија.

Русија, исто така, ја повика меѓународната заедница да одговори на акциите на Киев.

Министерството за одбрана на Русија претходно соопшти дека Украина синоќа со два дрона се обидела да изврши терористички напад врз објекти во Москва. И двата дрона беа онеспособени од системи за електронско војување и немаше жртви.

Исто така, лидерот на Крим, Сергеј Аксјонов, утринава објави дека над Крим биле соборени и онеспособени 11 украински беспилотни летала. Донесена е одлука за евакуација на жителите од околните села во радиус од 5 километри. Патниот и железничкиот сообраќај во областа е прекинат.

Според првичните информации нема повредени.