Русија со детали за украинската „валкана бомба“ и бара расправа во ОН

Министерството за одбрана на Русија во понеделникот на специјален брифинг за новинарите предупреди дека создавањето на ткн „валкана бомба“ во Украина е при крај, а истовремено руската дипломатија објави дека Москва бара расправа во Обединетите нации за ваквата, како што тврди, провокација од Киев за што треба да биде обвинета руската страна.

Рускиот министер за одбрана Сергеј Шојгу, изминатио викенд на темата „провокација со валкана бомба“ телефонски разговараше двапати со американскиот државен секретар Лојд Остин, како и со британскиот, францускиот и турскиот колега.

Според процените на организаторите на ваквата провокација е доколку таа биде успешно спроведена, повеќе земји ќе реагираа крајно остро на „нуклеарен инцидент“ во Украина. Како резултат на тоа, Москва ќе ја загуби поддршката од многу свои клучни партнери, а Западот повторно ќе се обиде да го постави прашањето за одземање на Русија на статусот постојана членка на Советот за безбедност при ОН и да ја зајакне антируската реторика.

Западните земји ги отфрлија предупредувањата од Русија, а украинскиот претседател Владимир Зеленски одговарајќи на наводите рече дека само руската страна може да употреби нуклеарно оружје во Европа.

„Имаме конкретни информации за тие институции во Украина, за тие научни институции кои имаа технологија да ја направат валкана бомба. Постојат информации кои повторно ги проверивме преку соодветни канали дека тоа не е празно сомневање и дека постои сериозно основа да веруваме дека таквите работи може да се планираат“, изјави во понеделникот рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров.

Претходно во неделата агенцијата РИА објави дека Москва добила доверливи информации од неколку земји дека властите во Киев наводно подготвуваат провокација на територијата којашто ја контролира украинската војска со активирање на ткн „валкана бомба“ или тактичко нуклеарно оружје со мала моќност. Целта на провокацијата, како што наведува агенцијата, е да биде „обвинета Русија за наводна употреба на оружје за масовно уништување во украинскиот театар на воени операции и со тоа да започне моќна антируска кампања со цел да се поткопа довербата во Москва.

Во прилогот се истакнува дека од „различни извор“ биле добиени сознанија дека „под водство на западните куратори, Киев веќе го започнал остварувањето на овој план“. Се прецизира дека водството на комбинат за рударство и преработка лоциран во градот Желти Води во Днепропретровскиот регион, во централно-источна Украина, како и од Киевскиот институт за нуклеарни истражувања, добиле задача да направат „валкана бомба“. Се додава дека подготовките се во „завршна фаза“.

Истовремено, како што се наведува во прилогот, луѓе од тесното опкружување на украинскиот претседател Владимир Зеленски одржуваат тајни контакти со претставници на Велика Британија по можно предавање компоненти од нуклеарно оружје за украинските власти.

„Според информациите коишто ги поседуваме, две украински институции имаат конкретни упатства за создавање на ткн валкана бомба. Работите се наоѓаат во завршна фаза“, изјави во понеделникот рускиот генерал-полковник Игор Кирилов, началник на руските војски за радијациска, хемиска и биолошка заштита.

Повтори дека, власта во Киев сака да организира провокација за да ја обвини Русија за користење оружје за масовно уништување и да започне силна антируска кампања. Киролов додаде дека Москва е запознаена со контактите меѓу кабинетот на Зеленски и британски претставници за можното испорачување технологија за нуклеарно оружје.

Според него, Киев планира да го прикрие детонирањето на „валканата бомба“, конвенционално оружје чие јадро е обвиткано со радиоактивен материјал, да го прикрие и прикаже како користење на руско нуклеарно оружје со ниска моќност, или ткн тактичко нуклеарно оружје, во коешто како полнење се користи високо збогатен ураниум.

Во руските медиуми уште во септември беше предупредувано дека руското нуклеарно гориво кое се извезува или порано било извезено во западните земји, може да биде искористено за инсценирање на руско користење на такво оружје.

Кирилов прецизираше дека радиоактивните изотопи во воздухот треба да ги регистрираат сензорите на Меѓународниот систем за набљудување во Европа, и како што очекуваат во кабинетот на Зеленски ќе овозможи обвинувања на Кремљ за употреба на оружје за масовно уништување.

Потсети дека слични методи веќе западните земји, главно со учество на британските служби, ги користеле во Сирија кога ткн „Вели шлемови“ претходно снимале видеа со наводна употреба на хемиско оружје од сириската владина војска, иако неколку години под меѓународна контрола Дамаск ги предаде сите резерви и капацитети за правење такво оружје.

 

Можни последици

Експлозијата на муниција со ниско нуклеарно полнење, како што истакна Кирилов, ќе доведе до радиоактивна контаминација на областа на површина до неколку илјади квадратни километри. Потоа, според генералот, Киев очекува заплашување на локалното население, зголемување на протокот на беглаци кон Европа и обвинување на Русија како „нуклеарен терорист“.

Додаде дека руското министерство за одбрана организирало потези со кои треба да се спротистави на можните такви провокации од украинската страна. Силите и средствата се ставени во состојба на готовност да извршуваат задачи во услови на радиоактивна контаминација, додаде Кирилов.

 

Ресурси и научната база за валканата бомба

Рускиот генерал истакна дека во Украина постојат институции кои можат да обезбедат ресурси неопходни за правење нуклеарно оружје со ниска моќност. Кирилов притоа ги посочи трите оперативни нуклеарни централи, Јужноукраинската, во Хмелниц и Ровне, како и згаснатата нуклеарна централа во Чернобил, кои се на териториите кои се под контрола на украинската војска.

Кирилов, исто така, прецизира дека во неодамна формираната компанија за преработка на радиоактивен отпад „Вектор“, во гемиската фабрика во Придњепровск, на локациите за складирање на радиоактивниот отпад „Бурјаковка“, „Подлесни“, „Росојх“ може да се сместат повеќе од 50.000 кубни метри радиоактивен отпад, кој исто така може да биде искористен за правење „валкана бомба“, а погонот за рударство и преработка „Воссточни“ ископува ураниумска руда

Наведе и дека Украина поседува и соодветна научна база, и притоа ги посочи научниците од Харковскиот институт за физика и технологија кои учествувале во советската нуклеарна програма. Овој истражувачки институт, тврди рускиот генерал, има експериментални проекти, посебно со термонуклеарните инсталации „Ураган“. Покрај тоа, во Институтот за нуклеарни истражувања при украинската Академија на науките на реакторот ВВР-М се работи со радиоактивни материјали.