Руската противвоздушна одбрана собори три проектила над рускиот град Белгород на границата со Украина, соопштија властите во средата, што е вториот украински напад од понеделникот кога беа соборени четири проектили.
Остатоците од соборените проектили паднале врз населено место, објави во вторникот вечерта гувернерот на Белгород, Вјачеслав Гладков.
Едно девојче е полесно повредено од скршено стакло и оштетени се неколку куќи. Гладков не го наведе потеклото на ракетите. Гладков и властите на регионите Брјанск и Курск, кои се наоѓаат во близина на границата, постојано се жалат на гранатирање од украинска страна.
Градоначалникот на Белгород, Валентин Демидов, изјави дека на жителите на оштетените куќи им било препорачано да престојуваат во хотел. Поправките на околу 11 куќи треба да започнат во среда. „Оштетени се главно прозорци и покриви, а оштетувања има и на автомобили“, напиша Демидов.
Во средата, руското Министерство за вонредни ситуации за регионот Белгород објави предупредување за гранатирање од Украина до жителите на шест погранични села во областите Граиворонски, Краснојаружски, Борисовски, Шебекински, Валујски и градот Шебекино. Предупредувања со содржина „гранатирање“ и „слезете во подрумот (засолниште)“ од 10,17 часот по московско време добиле жителите на посочените населби.
Регионот Белгород е редовно гранатиран од Украина, а од 11-ти април минатата година во целиот регион на сила е високо (жолто) ниво на тревога од терористичка закана. Поради честото гранатирање во 15 населени места во регионот е воведена вонредна состојба. Должината на границите на регионот со Украина е 540 километри.