Русија соопшти дека одбила нов обид за украински упад на нејзина територија

Русија соопшти во четвртокот дека одбила обид за упад на украинските диверзантско-терористички групации по должината на нејзината граница со Украина, како и дека украинското гранатирање на пограничните населби предизвикало делумна евакуација на цивилите, во прв ред децата и старите лица, од таа област.

Во пресрет на очекувањето на најавуваната од пред повеќе од половина година украинска противофанзива во војната којашто трае веќе 15 месеци, Русија последните денови тврди дека била цел на напади, вклучително и нападите со дронови во мај врз згради во Москва и претходно во Кремљ.

Милитантни групации, меѓу кои имаа и руски неонацисти, обучувани во Украина од западните воени инструктори и опремени со американско оружје и воена опрема продре минатата седмица во пограничната руска област Белгород и според западните медиуми „накратко заземала населба“, а притоа уби еден цивил и рани две деца во оган од стрелачко оружје.

Во операцијата на руските безбедносни сили, според Москва, убиени се најмалку 70 милитанти а беа објавени снимки од уништените оклопни борбени возила и оружјето со кое дејствувале украинските борци. Притоа Министерството за одбрана на Руската Федерација објави податоци дека неколку дена пред нападот сателит на приватната американска компанија „Maxar“ ја надлетувал таа област.

Руското Министерство за одбрана во четвртокот соопшти дека одбиени биле три обиди за прекугранични напади во близина на градот Шебекино и повторно ги предупреди Киев за користење на „терористички формации“ за обиди за напади врз руски цивили и ширење страв.

„Со несебичното правовремено дејствување на руските војници одбиени се три напада на украинските терористички формации“, соопшти руското министерство за одбрана.

Се прецизира дека една група од 30 украински борци со седум оклопни возила меѓу кои и тенкови, кај меѓународниот пограничен премин Шебекино кон Украина, а во истата област биле спречени обиди за упад на руска територија на уште две групи од 15 и од 20 борци кај Новаја Таволжанка.

Руското Министерство за одбрана наведува и дека во операцијата за сузбивање на овие групи биле убиени 20 милитанти, а во продолжеток од дејствијата во текот на денот на украинската територија биле нападнати позициите на резервите на оваа формација и притоа биле убиени околу 50 украински борци и уништени уште четири оклопни возила и пикап, како и систем за баражен артилериски оган „БМ-21 Град“.

 

Евакуација

Агенцијата Reuters ги пренесува соопштенијата од двете страни но наведува дека не можеле веднаш да ги проверат извештаите од боиштето и од двете страни.

Кремљ во врска со денешните напади објави дека претседателот Владимир Путин бил континуирано известуван за ситуацијата и дека забележал дека повторни западните сили кои со оружје ја помагаат Украина не ги осудиле нападите врз цивили на руска територија.

„Како и претходно, нема ниеден збор на критика за киевскиот режим, нити каква и да е осуда“, изјави за новинарите портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.

Песков повтори дека нападите врз Белгородската област нема да имаат апсолутно никакво влијание за прогласување вонредна или воена состојба на територијата на Русија во текот на „специјалната воена операција“ во Украина.

Портпаролот на рускиот претседател додаде дека е изведена делумна евакуација на деца, постари и болни лица од населените места кои се најблиску до границата со Украина и се потенцијална цел на диверзантско-терористичките групации.

„Главното прашање, секако, е помагање на луѓето, поддршка за преселување на оние кои тоа го сакаат или им е потребно“, рече Песков и порача дека стотина деца, жени и старци веќе се преместени од областа.

Истовремено Песков рече дека гувернерот на локалната управа во Шебекино е одликуван со Орденот за храброст, едно од највисоките руски признанија

 

Киев одбива поврзаност со групите кои го напаѓаат Белгород

Украина повторно тврди дека нејзината војска нема никаква поврзаност со овие напади и дека ги изведувале „руски доброволци“. Москва потврди дека меѓу напаѓачите од претходниот голем напад имало членови на забранети во Русија неонацистички организации руски државјани, но Киев не ги коментираше воопшто тврдењата дека меѓу убиените има и украински државјани и платеници од западни земји.

Претходно имагинарната групација Руски доброволечки корпус, за чиешто наводно постоење беше објавено првпат при првиот упад во Белгород и се претставува како „група етнички Руси кои ја поддржуваат Украина“, објави дека наводно се бори на руска територија.

Групата која е присутна само на социјалните мрежи тврдеше преку западните медиуми дека „напредувала“ до предградието на Шебекно, иако станува збор за мала населба кон истоимениот пограничен премин. Објавена е снимка од наводно борци на РВК кои пукаат од стрелечко оружје, како и фотографии од вооружени луѓе во униформи во некаков објект. Друга група, која се претставува како „Легион Слободна Русија“, исто така објавува снимки од вооружени униформирани луѓе и воени возила од американско производство. Агенцијата Reuters, која ги пренесува нивните објави, наведува дека не е можно да се потврди автентичноста на материјалот.

Гувернерот на Белгород, Вјачеслав Гладков изјави дека украинската војска повеќепати го гранатирале Шебекино со проектили од 122 милиметри системот „Град“ од советско производство од што е оштетена и зградата на локалната управа.

„Најмалку девет цивили се повредени во гранатирањата во областа“, реле Гладков и најави продолжување на евакуацијата на загрозените групи цивили доколку има потреба.