Русија во ОН ќе го постави прашањето за претензиите на САД на ресурсите на Месечината

Русија во Обединетите нации ќе го покрене прашањето за претензиите на САД кон месечевите ресурски, соопштија во вторникот од руската агенција за вселенски истражувања Роскосмос.

„Да, постојат планови. Соодвената точка е вклучена во дневниот ред на седницата (на правната поткомисија на Комисијата на ОН за експлоатација на Вселената во мирни цели). Прашањето ќе биде поставено од името на Руската Федерација, како што е вообичаено во ОН“, изјавиле во руската државна вселенска агенција за РИА, одговарајќи на коментар за плановите во врска со ова прашање.

Според информацијата објавена на веб-страницата на спомената комисија при светската организација, следното заседание ќе биде одржана во април 2021 година.

Ова прашање се покрена, откако во април годинава американскиот претседател Доналд Трамп потпиша указ со кој им се обезбедува правото на Американците за експлоатација на космичките ресурси и нареди во следните шест месеци да се разговара со другите земји за договорите за Месечината и за другите вселенски тела.

Од Роскосмос тогаш овој план го нарекоа агресивен и штетен за меѓународната соработка, а челникот на агенцијата, Дмитриј Рогозин, го спореди овие планови со американските инвазии во Ирак и во Авганистан. Имено, тогаш американските воени операции беа изведени без согласност ниту на Генералното собрание, ниту на Советот за безбедност при ОН и меѓународната заедница.

Според членот 11 од Договорот за активностите на државите на Месечината и другите вселенски тела, утврден од Генералното собрание на ОН уште во 1979 година, „Месечината не подлежи на национално присвојување нуту преку декларирање суверенитет на неа, ниту преку експлоатирање или окупација или со какви и да се други средства“.

Меѓутоа, ниту САД ниту тогашниот Советски сојуз, на чиишто некои меѓународни договори сукцесор е Русија, не го ратификуваа овој договор во тој период. Покрај тоа, се забележува дека во споменатиот документ не се споменува ништо за комерцијалните структури.

 

Човештвото прво да се среди на сопствената планета

Човештвото прво мора да ги среди работите на својата планета пред да полета на Месечината или на Марс, а не да создава фабрики за воздух, изјави во понеделникот директорот на Роскосмос, Дмитриј Рогозин.

„Пред да полетате на Марс или Месечината, прво мора да го средите својот дом и да ја ставите во ред сопствената Земја. Тука има што да се стори, но не и да се создаваат фабрики за производство на воздух…“, рече Рогозин.

Според него, за земјите како Луксембург, кој е една од земјите учеснички во „Договорите Аремида“, разбирлив е интересот со освојувањето и истражувањето на Месечината и добивањето на ресурсите од таму.

„Државата е таква, што ако не забавите навреме повеќе нема да бидете во Лускембург. За мала држава, ова е прашањето на сите прашања. Но ние имаме огромно пространство кое сѐ уште не е соодветно истражено, сѐ уште не знаеме како да ги користиме сите ресурси, кои се огромни. И ако го правиме тоа, често го правиме на варварски начин“, истакна шефот на Роскосмос.

Алузијата на Рогозин се однесува на амбициозниот план на Луксембург за експлоатација на ретки минерали и метали од астероиди (Space Resources initiative), заедно со партнери од ЕУ и САД. Како партнери на Големото Војводство се американските компании „Deep Space Industries“ и „Planetary Resources of the US“. Станува збор за создавање вселенска индустрија за потрага и експлоатација на минерали кои се ретки на Земјата, но достапни во доволни количество на астероидите. Според научниците, таквите космички тела се наоѓаат подалеку од Месечината, но поблиску од Марс, и затоа се целосно на дофат на вселенските беспилотни летала.

Рогозин смета дека Русија не треба слепо да ги копира американските проекти во Вселената, и воопшто светот да има попрагамтичен приод а ресурсите да се трошат разумно.

Истовремено порача дека „она што е поврзано со безбедноста на земјата, со можноста за подобрување на квалитетот на животот, подобривања во економијата“, Русија нема никому да му го отстапи и во Вселената.

Според Рогозин, неопходно е да се процени какво основно научно знаење може да се добие со истражувањата на Марс, Месечината и Венера, а не да се отвораат „пиварници во кратерот кој е наречен Рабиндрант Тагоре“.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.