Русија во поранешните погони на „Renault“ го обновува производството на „Москвич“

Русија во вторникот по две децении повторно го започна производството на автомобилскиот бренд „Москвич“ од советската ера познат по издржливоста, во поранешната фабрика на француски „Renault“, објави руското министерство за индустрија и трговија.

Во март годинава „Renault“ објави дека поради западните санкции во врска со руската инвазија во Украина се повлекува од Русија и го продаде мнозинскиот удел на рускиот производител на автомобили „Автоваз“, како што беше објавено за една рубља, со можност за откуп во рок од шест години. Француската компанија во мај го предаде и управувањето со фабриката на градските власти која сега се вика „Московска фабрика за автомобили Москвич“, исто така за една рубља.

Во средата е објавено дека во погоните започнало сериското производство на урбаниот кросовер „Москвич 3“. Првите возила од производствената лента ќе излезат во декември годинава, објави произведувачот на камиот „Камаз“, технолошкиот партнер на компанијата.

„Задачата е во блиска иднина да почне процес на склопување мал обем возила со вклучување локални добавувачи до крајот на 2023-та. Следниот чекор ќе биде создавање сопствена универзална платформа за домашно електрично возило, чиј почеток на производството е закажан за крајот на 2025 година“, изјави рускиот миснитер за индустрија и трговија Денис Мантуров според кого погоните треба да постигнат целосна технолошка независност до 2027 година.

Според него, покренувањето на производството во полн обем ќе овозможи отворање на дополнителни 40.000 работни места.

Според најавите, целта е да се произведуваат 100.000 „москвичи“ годишно, вклучително и нивните електрични верзии, што е значително помалку од просекот во автомобилската индустрија чии фабрики годишно произведуваат меѓу 200.000 и 300.000 возила, барем до оваа година.

„Москвич“ на пазарот може да се врати во сосема изменета верзија, имајќи предвид дека за неговото производство во почетокот ќе се користи дизајнот, инженерингот и производствената платформа на кинескиот произведувач на автомобили JAC, според неименувани извори,

Западните санкции против Русија го отежнаа пристапот до делови произведени во странство, а многу странски произведувачи на автомобили се повлекоа од земјата. „Камаз“ и руската влада воспоставија нови синџири за набавка, но не ги откриваат поединостите.

„Москвич 3“, кого го опишуваат како компактен урбан теренец со 1,5-литарски бензински турбо мото со капацитет до 150 коњски сили, со автоматски или рачен менувач на брзините, ќе започне да се продава во декември.

Агенцијата Reuters наведува дека повторното лансирање на „Москвич“ веројатно нема да ги промени тмурните изгледи за руската автомобилска индустрија којашто годинава првпат во модерната историја на Русија би можела да продаде помалку од милиони автомобили.