Русија: За нападот во Саудиска Арабија виновен е американскиот систем

Саудискиот систем за противвоздушна одбрана од американско производство не успеа да го одбие нападот со дронови врз нафтените постројки бидејќи немаше добри параметри, изјави денеска неименуван претставник на руското Министерство за одбрана.

Како што јави ТАСС, тој истакна дека на северната граница на Саудиска Арабија штитат 88 системи Патриот, а во Персиски Залив во близина на саудискиот брег се наоѓаат три американски разорувачи вооружени со противвоздушен систем Аегис со 100 ракети СМ2.

– Се поставува прашањето како толку силна противвоздушна одбрана пропушти десетина дронови и крстосувачки ракети да поминат. За тоа може да има само едно објаснување: на големо фалените американски системи Патриот и Аегис им недостигаат официјално прогласените параметри, посочи изворот.

Тој објасни дека е мала ефикасноста на тие системи против воздушни мети и крстосувачки ракети и оти се неподготвени да одбиваат масивни напади во услови на права борба.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.