Русија: Западот мора да прекине да поттикнува провокации за да спречи нуклеарна катастрофа

Најважните приоритети на Русија се да се избегне нуклеарен судир меѓу светските нуклеарни сили, објави во средата руското Министерство за надворешни работи и го обвини Западот дека „поттикнува провокации со оружје за масовно уништување“.

Москва минатата седмица предупреди дека поседува сознанија дека британски стручњаци и украински високи функционери подготвуваат провокација со „валкана бомба“ на територија под контрола на Киев за што треба да биде обвинета Русија за наводно користење на тактичко нуклеарно оружје.

Западот, пак, иако сега веќе поранешната британска премиерка Лиз Трас зборуваше за превентивен нуклеарен удар врз Русија што го споменуваше и украинскиот претседател Володомир Зеленски, ги толкуваше изјавите на рускиот претседател Владимир Путин дека суверенитетот и интегритетот на Русија ќе се брани со сиот арсенал, како закана за употреба на нуклеарно оружје.

Во средата руското Министерство за надворешни работи соопшти дека стравува дека петте декларирани нуклеарни сили „се клацкаат на работ на директен вооружен судир“ и дека Западот мора да престане да „поттикнува провокации со оружје за масовно уништување кое може да доведе до катастрофални последици“.

„Цврсто сме убедени дека во сегашната комплицирана и турбулентна ситуација, предизвикана со неодговорното и дрски постапки со цел да се поткопа нашата национална безбедност, најважната задача е да се избегне воен судир на нуклеарните сили“, соопшти руската дипломатија.

Се додава дека Русија стои зад заедничката декларација објавена заедно со САД, Кина, Велика Британија и Франција, во јануари годинава со којашто се потврдува нивната заедничка одговорност за избегнување нуклеарна војна.

„Во целост ја потврдуваме нашата приврзаност на заедничката изјава на челниците на петте држави со нуклеарно оружје за спречување нуклеарна војна и избегнува на трката во вооружување од 3-ти јануари 2022 година“, соопшти руското министерство за надворешни работи.