Русија започна со производството на вакцината против Covid-19

Руското министерство за здравство објави во саботата дека започнува производството на руската вакцина против новиот сој коронaвирус, препарат кој беше развиен од научниците во Националниот истражувачки центар за епидемиологија и микробиологија „Гамалеја“.

Русија на 11-ти август беше првата земја во светот која ја регистрираше вакцината против коронавирусот која го диби името „Спутник V“, алудирајќи на изненадувачкото за светот лансирање во половината на минатиов век на истоимениот сателит. Веднаш по објавата, политичката и научната јавност на Западот изрази сомневање во ефикасноста на руската вакцина, оценувајќи дека се користи за промоција на „политичката надмоќ“ на земјата, и оти за нејзините својствата нема независно рецензирани достапни податоци во релевантни наични списанија па дури предупредија дека може да биде и опасна.

Препаратот кој го развија научниците од инситутот „Гамалеја“ ги мина двете забрзани фази од испитувањето, како и други вакцини кои се развиваат во светот, во јуни и јули, но се наоѓаше на почетокот од третата масовна фаза од клиничките испитувања врз неколку десетици илјади волонтери, што исто така е критикувано на меѓународно ниво. Во развојот на оваа и уште една руска вакцина, инаку, се вклучени и научните капацитети и стручњаци на руската армија, а имаше информација дека во тестирањата на луѓе се ангажирани доброволци од војската.

Според Министерството за здравство, двократната шема на ингектирање на вакцината овозможува формирање долгорочен имунитет до две години. Министерството, исто така, објави податоци од преклиничките и клинички испитувања на препаратот. Според информациите од рускиот Државен регистар на лекови, препаратот е раствор за интермусклулно инјектирање. Вакцинацијата се планира да се спроведува во две фази, прво со компонентата I, а по три седмици со компанентата II.

Министерот за здравство, Михаил Мурашко, истакна дека критиките кои доаѓаат од странство во најголем дел се должат на тоа што „неопходни се повеќе податоци од истражувањето“, додавајќи дека не сите од нив знаат дека „вакцината е подготвена врз основа на платформа на која веќе се направени шест препарати“, вакцини и лекови за ова и слични заболувања. Мурашко, исто така, увери дека клиничките студии ќе продолжат.

Челникот на Рускиот фонд за директни инвестиции (РФПИ), Кирил Дмитриев, изјави дека Русија веќе добила нарачки од 20 земји за набавка на милијарда дози од вакцината. Притоа додаде дека е договорено нејзини произведување во пет земји во светот. Според Дмитриев, сегашните руски капацитети овозможуваат производство на 500 милиони дози годишно.