Русија заработува повеќе од енергенсите отколку што троши за војна во Украина

Русија од продажбата на енергетски производи заработува повеќе отколку што троши за војната во Украина, се вели во анализата на Центарот за истражување на енергија и чист воздух (CREA). Организацијата со седиште во Финска наведува дека приходите од извозот на енергенси (нафта, гас и јаглен) во првите шест месеци од војната во Украина се повисоки од трошоците за војната.

Приходите што Русија ги оствари во тој период изнесуваат околу 158 милијарди евра, а, според проценките, војната досега ја чинеше Русија 100 милијарди евра, јави Танјуг.

CREA вклучи анализа на извозот на нафта, гас и јаглен од 24 февруари до 24 август, користејќи податоци за речен и поморски сообраќај и цевководи.

Според овие податоци, ЕУ е најголемиот извозен пазар на Русија со 85 милијарди евра, а по неа е Кина со 35 милијарди евра.

Во рамките на ЕУ, Германија е на прво место со увоз на енергија од Русија во вредност од 19 милијарди евра, а веднаш по неа Кина е втор најголем увозник на фосилни горива од Русија.

И покрај намалениот обем на извоз, Русија сè уште остварува рекордни приходи од продажба на фосилни горива, нагласува аналитичарот на CREA, Лаури Миливирта.

„За да се бори против тоа, владата мора да ги зголеми царините и да воведе ограничувања за увозот од Русија и да спроведе мерки за штедење“, рече тој.

Тој посочи дека пред се мора да се намали потрошувачката на нафта и гас.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.