Русија и Франција ќе ги координираат нападите врз ИД

Русија и Франција ќе ги координираат своите напади врз позициите на џихадистичката група Исламска држава (ИД) во Сирија, соопшти вечерва во Москва францускиот претседател Франсоа Оланд по средбата со неговиот руски колега Владимир Путин.

Како што јави ДПА, Оланд изјави дека неговите разговори со Путин биле фокусирани и на политичката иднина на Сирија, при што го повтори францускиот став дека сирискиот претседател Башар ел Асад не може да игра клучна улога во земјата во иднина.

Од изјавата на Оланд останува нејасно дали координацијата на нападите портив ИД ќе се однесува само на Русија и Франција или со неа ќе бидат опфатени и останатите земји кои се дел од меѓународната коалиција за борба против џихадистите.

Русија досега настапуваше самостојно во нападите во Сирија, при што од Западот често беше обвинувана дека нејзина цел првенствено не се позициите на ИД, туку припадниците на „умерената опозиција“ што се борат против силите лојални на Асад, кој е клучниот сојузник на Москва на Блискиот Исток.

Посетата на Оланд на Москва доаѓа по уривањето на рускиот авион од страна на турското Воено воздухопловство во вторникот и еден ден откако француското Национално собрание синоќа одобри продолжување на мисијата на француските авиони за напади врз цели на ИД во Сирија.