Русија, Германија и Полска бараат дијалог за решавање на кризата во Украина

Русија, Германија и Полска се уверени дека е неопходен прекин на насилствата во Украина и почнување дијалог, рече шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров по трилатералниот состанок со својот германски и полски колега, Франк Валтер Штајнмаер и Радослав Сикорски во Санкт Петербург.

„Посветивме многу од времето на разговорот за украинската криза. Уверени сме дека, и покрај различните интерпретации на настаните, неопходно е да се фокусираме на прекинот на насилството и почнување на дијалогот со учество на сите (украински) региони“, истакна Лавров.

Министерот за надворешни работи на Германија, Франк Валтер Штајнмаер изјави постои подготвеност кај сите страни за завршување на кризата во Украина.

Сикорски, пак, изјави дека Русија може да помогне во смирувањето на ситуацијата, спречувајќи екстремистите и оружјето да преминат во источна Украина, каде проруските сили се борат против владините сили.

Лавров, исто така, кажа дека се надева дека предлозите на украинскиот претседател Петро Порошенко за отворање хуманитарни коридори во Украина ќе бидат поддржани со вистинско делување.

Порошенко претходно нареди отворање на хуманитарни коридори за цивилите да може да ги напуштат областите на истокот од Украина каде што се во тек воени операции.