Русија и се заканува на Украина со царина на увозните производи ако Киев се сврти кон ЕУ

Доколку Киев потпише договор за придружување кон Европската унија, Русија ќе ги зголеми царините за увоз на украинска роба, предупреди денеска рускиот министер за економија Алексеј Уљукајев.

„Нашата порака до Украина е дека има право да оди по сопствениот пат, но во тој случај ќе бидеме приморани да воведеме увозни давачки,“ изјави Уљукаје во интервју за германскиот весник „Ханделсблат“.

Русија моментно е еден од најголемите пазари за извоз на украинска стока.

„Кога Киев ќе потпише договор за партнерство со ЕУ, тогаш Русија поради слободната трговија која важи во Заедницата на независните држави, би била преплавена со производи од Унијата кои се ослободени од царина,“ истакна Уљукајев.

Одбивањето Украина да потпише трговски пакт со ЕУ, предизвика криза во таа земја која резултираше со крвави судири и смена на претседателот Јанукович.

Уљукајев исто така повтори дека исплатата на заемот на Украина ќе зависи од составот на наредната влада во таа земја.

„Мораме да знаеме кој ќе биде во владата, која програма ќе следува и кој ќе биде премиер,“ заклучи Уљукајев.