Русија најавува нови царини на увозот на одредени производи од САД

Русија најави дека ќе воведе царини на увозот на одредени американски производи, како што се машините за нискоградбата, во рамките на одговорот на американските санкции и царини за челикот и алуминиумот.

Царините ќе ги опфатат производите за коишто во Русија не постојат еквиваленти, изјави министерот за економија Максим Орешкин во вторникот во текот на посетата на Минск. Функцијата на новите мерки е воспоставување рамнотежа, порача Орешкин.

„Русија го користи своето право коешто се темели на членството во Светската трговска организација (СТО – WTO) и воведува мерки за урамнотужување на увозот од САД“, истакна рускиот министер.

САД воведоа 25-процентни церини на увозот на челикот и 10-процентни на увозот на алуминиумот, во прв ред имајќи го за цел увозот од Кина. Русија, како и ЕУ, Канада и Мексико, не се изземени од овие рестриктивни американски мерки, како што тоа е случајот со Аргентина, Австралија и Бразил.

Листата стоки од САД кои ќе бидат царинети во Русија, ќе биде утврдена следните денови, рече министерот. „Тоа се машини за градење патишта и низа други производи коишто Русија го увезува“, ориентационо посочи Орешкин. Според првичните процени на министерството, веднаш во првата фаза од реципрочните мерки ќе бидат опфатени стоки во износ на околу 100 милиони долари.

Царини на американските лекови не се во план, додаде Орешкин, со што владата го уважила незадоволството на граѓаните од предлогот на пратеници во Думата да се забрани поширока група американски производи, од лекови до софтвери.

Потегот се надоврзува и на барањето на руските компании кои се погодени од американските санкции, државата да им помогне да се справат со финансиските и економски тешкотии. Така, милијардерот Олег Дерпаска, кој го контролира најголемиот произведувач на машини за нискоградбата ГАЗ, веќе бараше од државата да купи дел од неговиот произведувач на алуминиум РУСАЛ за да го олесни товарот на санкциите.