Русија „речиси 100 отсто сигурна“ дека ал-Багдади е убиен

© AFP 2017 / Prakash Singh

Русија е речеиси стопроцентно сигурна дека водачот на ултрарадикалната сунитска организација Исламска држава во Ирак и во Сирија, Ирачанецот Ибрахим ал-Самараи познат повеќе како Абу Бакр ал-Багдади е убиен во воздушен напад на руската авијација во Сирија кон крајот на мај, изјави во петокот Виктор Озеров, претседател на комисијата за одбрана на горниот дом на рускиот парламент.

„Мислам дека оваа информација близу 100 отсто е сигурна“, го цитира агенцијата Интерфакс Виктор Озеров, претседател на комисијата за одбрана на горниот дом на рускиот парламент.

Во четвртокот руското министерство за надворешни работи соопшти дека е „многу веројатно“ Абу Бакр ал-Багдади да е убиен. Заменикот министер за надворешни работи, Олег Сиромотов, изјави за новинската агенција Sputnik дека информацијата за можната ликвидација на ал-Багдади се потврдува преку „разни канали“.

Официјалана Москва на 16 јуни наведе дека водачот на исламистичката организација можеби бил убиен во текот на нападот извршен на 28 мај, во јужно предградие на сирискиот град Рака. Во тој напад на руската воена авијација биле убиени високо позиционирани милитанти, кои биле членови на ткн „воен совет“ на Исламската држава, и уште околу 330 џихадистички борци.

Според руското министерство за одбрана, меѓу ликвидираните терористи се и „емирот“ на Рака, Абу ал-Хаџи ал-Масри, Ибрахим ан-Наеф ал-Хаџ кој го контролирал подрачјето од Рака до Сухна, како и „началникот за безбедност“ на Исламската држава, Сулејман ал-Шаух.

Информациите за ликвидацијата на челникот на џихадистите, руското министерство за одбрана ги добило кон крајот на мај. Од тогаш се вршат проверки при кои е дојдено до сознанија дека целта на состанокот била планирање излезни правци на милитантит од градот Рака преку ткн „јужен коридор“.

Руската авијација споменатиот напад го извршила ноќта на 28 мај, откако податоците за место и времето на закажаната средба на челниците на џихадистите биле потврдени со помош на шпионски беспилотни летала. Притоа за воздушната операција Москва ја известила американската страна.

Ал-Багдади, чие вистинско име е Ибрахим Авад Ибрахим ал-Бадри, инаку поранешен заточеник во американскиот злогласен затвор за осомничени за тероризам Гвантанамо, првпат во јавноста се појави во јули 2014 година во ирачкиот град Мосул кога го прогласи „исламскиот калифат“ на Блискиот исток, односно на заземените територии во Ирак и Сирија. Во изминативе речиси три години светските медиуми повеќепати известуваа за негови ликвидации, но до денес нема потврда на ваквите вести.

Американското и ирачкото разузнавање претпоставуваат дека лидерот на Ислмската држава може да се крие во регионот околу ирачкото место ел-Баад, недалеку од сириската граница. Весникот Daily Mail на 11 јуни повикувајќи се на сириската државна телевизија објави дека ал-Багдади најверојатно е ливидиран во воздушен удар во Рака. Истовремено новинската агенција Amaq поврзана со џихадистичката организација не објави ниту потврда ниту демант на ваквите информации.