Русинот за кој зборува целиот свет, затоа што ја однесе опасната експлозивна супстанца во Бејрут

Рускиот државјанин Игор Гречушкин со наводно прибежиште на Кипар е сопственик на бродот кој го пренесуваше опасниот товар кој експлодираше во Бејрут, пренесува хрватски Индекс.

Станува збор за 2.750 тони амониум нитрат, хемиска состојка која се користи како вештачко ѓубриво, но во одредени ситуации може да се користи и како експлозив или супстанца која може да предизвика екплозија, како што, за жал, се случи на бејрутското пристаниште.

Ѓубривото во хангар на пристаништето било складирано од 2014 година без безбедносни мерки кои би ја спречиле катастрофата која што се случи.

Со тој товар брод под молдавско знаме со името „МВ Росус“ се закотвил на пристаништето. Меѓутоа, неговото одредиште не бил Либан, туку Мозанбик.

Како што пишуваат западните медиуми, капетанот Борис Прокошев го запрел бродот во Грција за да наполни гориво кога сопственикот Гречушкин, наводно директор на компанијата „Тето Шипинг“, му јавил дека фирмата нема пари и оти ќе мора во Бејрут да собере дополнителен товар за да се покријат патните трошоци.

Рускиот портал Сибериан тајмс, пак, пишува дека бродот во Бејрут застанал поради технички проблеми.

Во секој случај, кога бродот пристигнал во Бејрут, локалните пристанишки власти го задржале поради „груби прекршувања во управувањето на пловилото“, односно „недостаток на документи и услови нужни за превоз“ и поради неплатени давачки кон пристаништето.

Екипажот составен од осум Украинци и двајца Руси била присилена да остане на бродот, а сопственикот Гречушкин прогласил банкрот и го оставил бродот на пристаништето. Либанските власти на крајот пуштиле шестмина од десет-члениот екипаж, а четворица останале заробени на бродот полн со експлозивен товар речиси една година.

-Ни кажа дека банкротирал, иако не му веруваме, најважната работа е дека дигна раце од својот екипаж и својот товар, изјавил еден од работниците.

Морнарите на бродот биле 11 месеци, а имале многу малку залихи.

-Секојдневно му пишував на Путин. На крајот моравме да го продадеме горивото за со тие пари да ангажираме адвокат. Сопственикот не ни обезбеди ниту храна, ниту вода, изјави капетанот Прокошев.

Гречушкин не одговарал на новинарските прашања.

Според мејловите кои ги размениле Прокошев и неговиот адвокат Шарбел Дагер, амониум нитратот е истоварен во бејрутското пристаниште и до ноември 2014 година бил оставен во складиште. Потоа властите таму го држеле шест години, и покрај предупредувањата од директорот на либанската царина дека станува збор за екстремно опасен товар.

Си-Ен-Ен на увид добил документи во кои се гледа дека директорот, но и неговиот претходник повеќе пати од 2014 година наваму се обратиле до либанските судови за да се обидат опасниот товар да го преместат на друго место.

Тие во претставките предупредувале дека товарот е еквивалентен на бомба.

Во несреќата која се случи завчера животот го загубија најмалку 137 луѓе, а над 5.000 се повредени.