Русите не се луди да се вклучат во операција која ќе им нанесе повеќе штета отколку корист

Чешкиот претседател Милош Земан ја обвини ЦИА за фијаско поради најавите за руски напад врз Украина оваа недела и повтори дека верува оти нема да има војна освен можеби ограничен конфликт во сепаратистичките области на Украина.

– Русите не се луди да се вклучат во операција која ќе им нанесе повеќе штета отколку корист. Кога станува збор за американските тајни служби, ова им е третото фијаско. Првото беше војната во Ирак каде не беше пронајдено оружје за масовно уништување. Второто во Авганистан кога тврдеа дека талибанците никогаш нема да го освојат Кабул. А третото е сега, изјави Земан во интервју што го објави чешкиот весник „Млада Фронта Днес“.

Чешкиот претседател изјави дека тој не верува во тоа дека тајните служби на САД ја спречиле инвазијата.

– Мислам дека тоа е обид да се скрие срамот. Веста за инвазијата дојде од американски извори пред пет дена. И како што можете да видите, тоа не се случи. Во секој случај, тоа беше извештај на ЦИА. И не се прашувам какви извори на информации има. Само врз основа на споменатите три случаи се сомневам во квалитетот на тие извори – рече Земан.

Претседателот на Чешка, сепак, не ја исклучува можноста дека во Украина ќе има војна.

– Не можам да исклучам некој локален конфликт на границите на Доњецк или Луганск. Но, тоа е нешто сосема различно од руска агресија врз Украина. Кога ќе ме прашате зошто Западот го прави ова, а генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг вели дека Русите се подготвени и војната може да започне во секој момент, против тоа зборува повлекувањето на руските единици – рече Земан.

Според него, распоредувањето на руски трупи на границата со Украина е само воена вежба која русите ја спроведуваат на своја територија.