Руска армија: Палмира е целосно ослободена

палмира

Палмира е целосно ослободена од екстремистите на групата Исламска држава (ИД) и сириската војска продолжува со офанзивата од исток, изјави началникот на Генералштабот на руската Армија, Сергеј Рудској.

Градот е целосно ослободен, владините војници ги освоија височините северно и јужно од Палмира и продолжува офанзивата од исток, истакна Рудској.

ИД ја презеде Палмира во мај 2015 година. Кон крајот на март минатата година сириската војска со руска воздушна поддршка го ослободи градот. Во декември Палмира повторно беше заземена од џихадистите.

Рудској нагласи дека во операцијата се убиени и повредени илјадници борци на ИД, уништени се 19 тенкови, 37 воени оклопни возила, 98 возила со тешко вооружување и над 100 возила.

Операцијата за ослободување на Палмира била планирана и спроведена под раководство на руски воени советници и во неа не се нанесени напади врз историските градби во градот, потврди началникот на ГШ на руската војска.