Руската банка ВТБ отвора филијала во Пекинг

Руската банка ВТБ планира да го прошири своето присуство во Кина со отворање канцеларии во Пекинг и други градови во блиска иднина, изјави извршниот директор Андреј Костин.

Најголемите руски банки се насочија кон Кина откако го загубија пристапот до глобалниот финансиски систем поради санкциите од Западот. Западните земји веќе десет години воведуваат санкции против Русија а особено ги раширија по инвазијата на Украина во февруари 2022 година.

„Русија сега сериозно ја проширува својата надворешна економска активност на истокот“, му рече извршниот директор на ВТБ на гувернерот на Приморскиот крај Олег Кожемјак на состанокот отворен за медиумите во четвртокот.

Крајбрежниот регион се наоѓа покрај Јапонското Море и се граничи со Кина.

„Во блиска иднина ќе отвориме канцеларии во Пекинг и во голем број други кинески градови. Имаме лиценца за работа со рубли и јуани и денес опслужуваме дел од надворешно трговскиот сообраќај“, додаде Костин.

ВТБ вториот најголем заемодавател во Русија и беше првата банка што понуди услуга за трансфер на пари во Кина во јуани во септември 2022 година, заобиколувајќи го меѓународниот систем за пораки SWIFT. На почетокот од март ЕУ од SWIFT ги исклучи седум најголеми руски банки.

ВТБ, исто така, беше првата која отвори претставништво во Кина, пред повеќе од 15 години. „Сбербанк“ и „Алфа банка“ планираат да тргнат по неговите стапки.

Руско-кинеската трговска размена достигна рекордни 240 милијарди долари во 2023 година.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.