Руската православна црква ги прекина односите со александрискиот патријарх

Руската православна црква објави дека ги прекинува врските со православниот патријарх на Александрија и цела Африка, Теодор Втори, кој ја призна новата украинска православна црква, независна од Москва.

Светиот синод на РПЦ донесе одлука дека сега е „невозможно“ да се спомене името на патријархот Теодор Втори во молитвите и да учествува во вообичаени молитви и поклоненија, се вели во соопштението објавено на веб страницата по вчерашниот состанок на Синодот.

Во него се осудува „личната одлука“ на патријархот „да ги признае украинските расколници“ и се потенцира дека тоа не е одобрено од Светиот синод на Александрија и од архиепископите.

Светиот синод на РПЦ изразува „длабока тага“ од одлуката на патријархот Теодор Втори да ја признае украинската православна црква. Руската православна црква ќе продолжи да ги поддржува врските со архиепископите на Александрија, кои не го поддржаа создавањето на независната украинска православна црква.

Александриската парохија во Москва ќе престане со работа, а руските парохии во Африка веќе нема да го признаваат владеењето на Александриската патријаршија. Наместо тоа, тие сега ќе му се потчинуваат на рускиот патријарх Кирил, одлучи Синодот на РПЦ.