Руската ТВ објавила листа на можни цели во САД во случај на нуклеарна војна

Руската државна телевизија објавила листа од американски воени постројки коишто Москва ќе ги цели во случај на нуклеарна војна и наведе дека надзвучната ракета којашто ја развива Русија ќе може да ги погоди целите за помалку од пет минути, јавува Reuters.

Меѓу целите на Русија во САД се Пентагон и претседателската резиденција во базата Кемп Дејвид во сојузната држава Мериленд.

Овој извештај, кој е невообичаен за Руската државна телевизија, бил емитуван во неделата доцна вечерта, неколку дена откако рускиот претседател Владимир Путин им порача на САД дека Москва воено е подготвена за криза којашто би била слична на кубанската ракетна криза од 1960-те години, доколку Вашингтон го посакува тоа.

Изјавата на Путин од средата минатата седмица беше дека Русија ќе одговори на секое разместување ракети со среден дострел во Европа, целејќи ги не само земјите во коишто се наоѓаат ракетите, туку и самите САД. Путин рече и дека Русија не бара судир и дека нема да го преземе првиот чекор во смисла на разместување ракети како одговор на американското повлекување Договорот за елиминација на проектилите со среден и мал дострел (INF – Intermediate Nuclear Forces Treaty).

Иако во својот говор за состојбата на нацијата минатата седмица во парламентот ја изрази подготвеноста на Русија за сразмерен одговор, Путин не наведе ниедна географска локација кон која би можело да бидат насочени руските проектили, рече во понеделникот за медиумите неговиот портпарол Дмитриј Песков, замолен да ја коментира емисијата „Вести на седмицата“ на телевизискиот канал Русија-1 во кој новианрите нагаѓаа за можните цели на американската територија.

„Претседателот рече дека доколку нашата земја биде загрозена и ракетите со среден и кус дострел бидат разместени во близина на нејзините граници, ќе мора да даде пропорционален одговор и да ги насочи нашите ракети не само кон лансирните единции, туку и во областиет на кои се наоѓаат центрите за носење одлуки. Ве молам да имате на ум дека претседателот не спомена ниеден географски топоним во врска со тоа“, рече Песков.

Исто така, Песков одбил да ја коментира содржината на споменатата емисија. „Ние никогаш не интервенираме во уредувачката политика на нашите телевизиски станици, дури ниту на државните. Во овој случај прашањето треба да ѝ се упати директно на телевизијата“, посочил портпаролот на Кремљ.

Агенцијата Reuters објави дека во емисијата од неделата вечерта водетелот Дмитриј Киселјов покажал географска мапа на САД и навел некои наводни или потенцијални цели за кои рекол дека Москва би сакала да ги погоди во случај на нуклеарна војна.

Меѓу наведените цели биле и Форт Ричи, центарот за воена обука во Мериленд за кој се вели дека е затворен во 1998 година, американската водухопловна база Меклелан во Калифорнија, и таа затворена во 2001 година и Џим Крик, морнаричката комуникациска база во сојузната држава Вашингтон.

Киселјов рекол дека хиперсоничната ракета „Циркон“, која Русија ја развива, може да ги погоди тие цели за помалку од пет минути, доколку биде истрелана од руските подморници кои ќе се приближат на американскиот брег.

Според експертите во таков случај носачите со проектилите „Циркон“ ќе се наоѓаат на оддлаченоста од 500 километри од крајбрежјето, и ќе може да погоди цели во крајбрежниот појас на дламочина од најмалку 500 километри за помалку од пет минути. Во тој случај, системите за противвоздушна одбрана ќе имаат време само да го откријат летот, но нема да може да го соборат проектилот.