Руската војска уништила два HIMARS-а во Харков

Руските вооружени сили со високопрецизни удари на територија на претпријатие во Харков во јужна Украина уништиле две батерии од американскиот повеќекратен ракетен систем со долг дострел и висока мобилност HIMARS испорачани на Киев од САД, објави во понеделникот на редовниот брифинг руското министерство за одбрана.

„Како резултат на удари со висока прецизност во градот Харков, на територијата на фабриката Украински енергетски машини, беа уништени два американски лансирни ракетни системи HIMARS. Притоа убиени се 53 украински националисти и странски платеници“, се наведува во објавата на руското министерство за одбрана.

Се додава дека во операциите на руските единици и воздушен удар во областа на Харков на украинското боиште биле убиени до 200 припадници и  уништени седум оклопни возила од составот на 92-та механизирана бригада на украинската војска.

Нема потврда од независни извори на ваквите наводи од руското министерство за одбрана.

Руското министерство за одбрана минатата седмица објави дека во периодот од 4-ти до 20-ти јули уништени се четири ракетни лансери и едно возило за полнење на американските ракетни системи за повеќекратно лансирање (HIMARS) доставени во Украина. Уништени ракетни системи биле лоцирани во областа Красноармејск, на источната периферија на Константиновка и во областа Малотарановка, каде што руските вооружени сили уништиле два система HIMARS во еден напад, прецизира министерството.

Информацијата од Москва за уништувањето на другите два система HIMARS, дојде откако претходно во понеделникот од Киев објавија дека украинската армија добила уште четири единици од ракетните системи HIMARS имаат поголем дострел и се попрецизни од украинската артилерија од времето на Советскиот сојуз, што им овозможува на украинските сили да се вклучат во руски цели кои претходно биле недостапни.

Киев ги негира тврдењата на Москва, нарекувајќи ги „лажни и осмислени за поткопување на поддршката“ на Западот за Украина. Агенцијата Reuters наведе дека не можела да ги потврди извештаите од боиштето.

Украина тврди дека со испораките на системи HIMARS ќе направи пресврт во војната, за којашто претходно седмицава претседател Владимир Зеленски рече дека мора да заврши пред почетокот на зимата.

Системите HIMARS имаа поголем дострел и се попрецизни од артилеријата која ја поседува Украина. Американскиот ракетен систем HIMARS со дострел од околу 80 километри беше дел од 11-от пакет воена помош на САД за Украина во војната против Русија, донесен на 1-ви јуни. Тогаш Белата куќа соопшти дека Киев се обврзал дека таквите вооружувања со долг дострел нема да ги користи за напади врз цели на руска територија, на што во Москва одговорија со неверување, па една од целите на сегашната офанзива на руските трупи во Украина е да ги потиснат украинските единици кон централниот дел од земјата и надвор од дострелот на таквите системи.

Севкупно со последниот пакет, САД на Украина досега ѝ обезбедил 16 системи HIMARS, но најмалку два од нив се уништени во руските удари. Вкупната воена помош на Вашингтон за Киев од почетокот на војната изнесува 8 милијарди долари, а само 2,2 милијарди долари во јуни. Не се соопштени вкупните податоци за американската воена помош на Киев во изминатите осум години, по превратот во Киев во 2014 година, помогнат првенствено од Вашингтон.