Руски амбасадор во БиХ: Стабилноста во регионот зависи од односите на Србија и Хрватска

Стабилноста во југоисточна Европа зависи од односите меѓу Србија и Хрватска а тие директно влијаат и врз состојбите во Босна и Херцеговина, оценува рускиот амбасадор во Сараево Петар Иванцов во интервјуто кое во саботата го објави бањалучкиот дневен весник Глас Српске, додека претседателот на Република Српска, Милорад Додик во друг настап најави јакнење на врските на ентитетот со Русија.

Рускиот амбасадор Петар Иванцов ги отфрла тврдењата дека неговата земја се меша во внатрешните односи во БиХ преку врските кои ги зацврстила со властите во Република Српска, како и дека со тоа се обидува да го наметне своето влијание на Балканот.

„Русија никогаш не се меша во внатрешните работи на други земји, туку работи на подобрување на соработката. Тезата за ‘влијанието’ во БиХ доаѓа однадвор“, вели Иванцов но истовремено остро се спротиставува на можното одржување на заедничката воена вежба на вооружените сили на БиХ и американските војски на полигонот Мањача, крај Бања Лука, напролет следната година.

Најавата за организирање ваква воена вежба стана ударна тема на медиумите во Република Српска, кои тврдат дека е донесена одлука американските авиони „А-10“ притоа да користат муниција со осиромашен ураниум. Овие тврдења ги негира министерството за одбрана на БиХ и амбасада на САД во Сараево, но медиумите и натаму го тврдат спротивното, а рускиот амбасадор Иванцов констатира дека доколку се случи нешто такво тоа би било злосторство.

Ставот на Иванцов е дека и самата најава на споменатата воена вежба на Маљача ги подигна тензиите во БиХ и притоа заклучува дека тоа не придонесува за стабилноста на оваа земја.

Иванцов повторува дека Москва се противи на каква и да е интервенција на Високиот претставник на меѓународната заедница во БиХ, Валентин Инцко, а за Русија вели дека на политичарите во БиХ исе обидува да им помогне преки компромис да дојдат до решение на отворените прашања.

Претседателот на ентитетот, Милорад Додик во одвоено интервју за Телевизијата на Република Српска (РТРС) изјави дека верува оти во натамошно зацврстување на односите со Русија, како и дека рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров во јуни ќе ја посети Бања Лука. Додик појаснува дека Лавров оваа покана „ја запиша во својот нотес“.

Додик претходно седмицава во Белград се сретна со Лавров, а во интервјуто рече дека разговарале за „непотребното ширење на антируската хистерија во регионот и во БиХ“.

„Русија не сака ништо друго освен Дејтонскиот договор, подготвена е да застане зад ставовите на Србија и тоа јасно го формулираа: ‘Ние стоиме зад политиката на Србија, а политиката на Србија ја дефинира Србија’. Така и нам ни кажаа: ‘Ние стоиме зад Дејтонскиот договор, територијалниот интегритет на БиХ не се доведува во прашање. Вие во БиХ можете да се договарате, ние го почитуваме вашиот договор’ и тоа е она што тие (Русите) го прават“, рече Додик.